Европа ќе остане економски сама со своите регулативи

Европската Унија има премногу регулативи на кои инсистира а нивното исполнување е речиси невозможно, кажа индискиот министер за трговија и индустрија по последната јалова рунда преговори со ЕУ. Двете страни треба до крајот на годината да постигнат договор за слободна трговија но не се стигнати до никаде.  

Преговарачите на Европската Унија на колегите од Њу Делхи им доставиле дури 73 регулативи чии услови треба да бидат исполнети а главно се дел од европскиот механизам за прилагодување на јаглеродните граници и регулативата на ЕУ за дефорестација.

„Нивното исполнување е речиси невозможно“, процени индискиот министер Пијуш Гојал, кој кажа дека овие пречки во трговијата ги поскапуваат европските стоки , вклучувајќи автомобили и авиони и ги зголемуваат трошоците за живот.

На самит во Берлин Гојал предупреди дека европските бизниси ризикуваат да станат изолирани и да живуркаат во кожурец, додека другите трговски партнери меѓусебе ќе тргуваат низ целиот свет.

Во 2023 година трговската размена меѓу ЕУ и Индија изнесуваше 120 милијарди евра.

1 ноември 2025 - 09:21