Тифусот се враќа, посилен од порано

Од жаришта во Азија повторно на светот му се заканува тифусната треска, од која луѓето страдале со милениуми, сè додека не ја искорениле со едноставни апчиња. Бактеријата salmonella typhi сега покажува отпорност на речиси секој антибиотик што лекарите го користат против неа. Мутации се шират и се вгнездуваат во Африка, но и во земји со развиени здравствени системи како САД и Британија.

Антибиотиците денес се единствениот начин за ефикасно лекување на тифус, кој е предизвикан од бактеријата salmonella enterica serovar Typhi (S Typhi). Современиот третман зависи од способноста антибиотиците да ја убијат бактеријата побрзо отколку што мутира. Бактеријата полека стекнува предност во трката, бидејќи нејзината отпорност расте секој пат кога ќе се прекине терапијата или ќе се препише погрешен лек.

Брзината со која се појавија и се шират високорезистентни соеви на S. typhi во последниве години е голема причина за загриженост, вели Џејсон Ендрјус од Универзитетот Стенфорд.

Геномска анализа на 3.489 примероци изолирани во Индија, Пакистан, Непал и Бангладеш при истражување во 2022 година покажува дека резистентните тифусни соеви ги заменуваат осетливите за само неколку години. Некои носат три мутации во гените на ДНК-гираза кои ја зголемуваат потребната доза на ципрофлоксацин за илјада пати.

На почетокот на овој век првата одбранбена линија на фронтот беше засилена со цефалоспорини од трета генерација. Ново истражување спроведено годинава во Ахмедабад, Индија, откри кластер XDR Typhi кој покажува резистенција на цефтриаксон, ампицилин, ципрофлоксацин и триметоприм-сулфаметоксазол. Ова е најголемото жариште на тифус отпорен на цефтриаксон идентификувано досега.

Од лековите, само азитромицинот сè уште делува сигурно при орална употреба. Но и неговата отпорност се зголемува, покажуваат резултати од лабораториско следење во Пакистан. Први два случаи на отпорност на овој антибиотик годинава се регистрирани и во САД.

Во Јужна Азија се концентрирани повеќе од 70% од вкупно 11 милиони случаи на тифус годишно. Доколку не се лекуваат до 20% од случаите на тифусна треска може да бидат фатални.

Здравствени експерти препорачуваат нова кампања на имунизација во Пакистан, но и развој на нова генерација антибиотици. Во фаза на тестирање се нови орални β-лактамазни инхибитори кои ја враќаат активноста на евтините пеницилини. Првите резултати се ветувачки, но ќе се чека со години на проверка на безбедноста. 

Во меѓувреме, најголемите придобивки доаѓаат од основните мерки. Безбедната вода, канализациската инфраструктура и сигурното ладење го намалуваат ризикот од тифус повеќе отколку што може да го направи која било апче.

******

Види и: Тивката пандемија од отпорни супер-бактерии

После 50 години, имаме нов антибиотик

21 јули 2025 - 13:21