
Лекот зосурабалпин, кој се покажал како ветувачки во раните фази на испитувањата, би можел да биде основа за првата нова класа антибиотици за лекување супербактерии во изминатите 50 години.
Фармацевтската компанија Рош објави дека е одобрена завршната фаза, во која лекот ќе биде подложен на испитувања на луѓе. Ако се покаже дека делува, тогаш ќе се користи против Acinetobacter baumannii (CRAB), бактерија отпорна на лекови која убива околу половина од заболените пациенти.
Светската здравствена организација го наведе Acinetobacter како приоритетен патоген, одговорен за околу една петтина од инфекциите во болничките одделенија за интензивна нега.
Супербактериите секоја година убиваат по повеќе од 1 милион луѓе годишно. Имаат надворешна и внатрешна мембрана, поради што тешко може да се уништат.
Зосурабалпин, развиен со истражувачи од Универзитетот Харвард, го напаѓа механизмот за формирање на надворешната мембрана. Лекот е важен бидејќи е нов начин за напад на бактерија, изјави Мајкл Лобриц, шеф за заразни болести во Рош.
Со завршната фаза од испитувањето кон крајот на оваа година или на почетокот на идната ќе бидат опфатени околу 400 пациенти заразени со CRAB. Ќе бидат споредени резултатите на пациентите што примиле зосуарбалпин со оние лекувани со стандардниот третман.
Фармацевтските компании немаа интерес да развиваат нови антибиотици, бидејќи истражувањата се скапи, а лековите се користат умерено за да се избегне стекнување отпорност. Но, светските лидери на Генералното собрание на ОН ја прогласија антимикробната отпорност за итна глобална здравствена закана и се обврзаа да ги намалат случаите за 10% до 2030 година.