"Индустријата за храна го наметна шеќерот како столб на нашата исхрана, бидејќи знае дека кога го консумираш ќе купуваш уште од него. Ова е нивната јадица. Ако некој бескрупулозен производител на житарици за појадок додаде морфиум на нив за да ве натера повеќе да ги купувате, тогаш што ќе мислите за тоа? Тие го прават истото само со шеќер," објаснува педијатарот др. Роберт Лустиг, автор на книгата Fat Chance: The Bitter Truth About Sugar, кој 16 години ги проучува ефектите што шеќерот ги има на нервниот систем, метаболизмот и болестите.
Лустиг објаснува дека тој не е во крстоносна војна против шеќерот, туку неговиот главен непријател е инсулинот, односно додатоците во храната кои премногу високо го креваат нивото на инсулин во телото. Инсулинот е хормонот кој прави вишокот енергија да биде сместен во масните клетки.
Иако шеќерот е најочигледна состојка, постојат уште три категории кои влијаат на дебелеењето: незаситените масти (кои полека ги снемува од исхраната), алкохолот (кој децата не го пијат) и прехранбените амино киселини.
"Овие амино киселини можат да се најдат во американското говедско месо од животни хранети со пченка. Кај говедата хранети со трева, како на пример во Аргентина, нема никакви проблеми. Затоа на Аргентинците добро им оди. И на Аргентинците исхраната им се базира на месо. Нивното месо е црвено, не е толку исшарано (со маснотии) и е малку потешко за сечење, меѓутоа е премногу вкусно. И е хрането со трева. Тоа е она што кравите треба да го јадат - трева.
Ние (во САД) заради две причини ги храниме со пченка - прво, немаме доволно земја (за да можат да соберат количина на трева потребна за нивното одгледување), и второ кога ги храниш со пченка тие брзо се здебелуваат. Обично на кравата и се потребни 18 месеци од раѓање до кланица. Денес се потребни само 6 недели и плус добиваш исшарано месо. Тоа е само отпорност на мускулот кон инсулин. Овие животни ја имаат истата болест како и ние, меѓутоа нив ги колеме пред да се разболат."
Сепак Лустиг објаснува дека шеќерот и понатаму останува број еден проблем кој доведува до дебелината, бидејќи го има во премногу јадења и децата имаат пристап до него.
"Кога калоричната храна беше обвинета дека нè дебелее, производителите побрзаа да направат ниско калорична храна. Меѓутоа за таа да биде вкусна тие додадоа шеќер, што предизвика многу поголеми проблеми. Намалувањето на калории не е проблем, бидејќи 'калоријата не е секогаш калорија.' Ефектот на калоријата од шеќер е различна од ефектот на калоријата од месо од говедо израснато со трева. А додадениот шеќер најчесто е замаскиран под најразлични имиња како гликоза, декстроза и фруктоза."
Фруктозата е и најголемиот и најчестиот проблем, а главен извор за неа е пченкарниот сируп кој обемно го користат производителите на храна во САД. Пченкарниот сируп е и поевтина замена за шеќер, и го има во речиси сите газирани пијалаци кои им се на сите начини достапни на децата.
Сепак Лустиг не бара комплетно отстранување на шеќерот од исхраната, туку само намалување. Според истражувањето од 2009-та објавено од Американското здружение за срце, Американците преку својата исхрана во текот на денот консумираат 22 лажички шеќер. Овој просек треба да се симне на 6 лажички за жените и 8 лажички за мажите, капацитет кој нашето тело може да го преработи.