
Неодамнешна студија објавена во списанието „Неврологија“ укажува на поврзаност помеѓу консумирањето на неколку вообичаени вештачки засладувачи и забрзаниот когнитивен пад.
Претходни истражувања разгледуваа други здравствени влијанија на овие засладувачи а оваа студија конкретно го поврзува нивниот внес со мерливи промени во размислувањето и меморијата. Ова е важна студија, особено имајќи предвид дека болестите поврзани со возраста, како што се деменцијата и Алцхајмеровата болест, се во пораст и се меѓу водечките причини за смрт во развиените земји, особено во САД.
Истражувањето во кое учествувале над 12.000 возрасни лица, покажало дека оние кои консумирале најголеми количини засладувачи (со и без калории) доживеале најзначајно намалување на мозочните функции.
Авторите на студијата сугерираат дека ова намалување е еквивалентно на дополнителни 1,6 години стареење на мозокот.
Наодите покажале јасна врска помеѓу дозата и одговорот:
- Умерените потрошувачи доживеале 35% побрза стапка на опаѓање на меморијата и размислувањето.
- Поголемите потрошувачи покажале 62% побрза стапка на опаѓање.
Студијата исто така открила дека врската е уште посилна кај луѓето под 60 години и кај оние со дијабетес. Иако студијата не докажува дека засладувачите се директна причина за опаѓањето, таа сугерира дека тие можат да придонесат за фактори како што се воспаление и нарушувања на цревниот микробиом (види: Здравите црева бараат гушкање), што може негативно да влијае на здравјето на мозокот.
Се работи за следниве шест вештачки засладувачи: аспартам, сахарин, ксилитол, еритритол, сорбитол, ацесулфам К.
Бил истражуван и седми засладувач, таготазата, но истражувањето не нашло негова поврзаност со когнитивен пад.