Здравите црева бараат гушкање

Пре-, про- и пост-биотиците се популарна, скапа и слаба замена за она што треба да го прават, да ја обноват здравата цревна флора која е исклучително важна за општото здравје. Постојат поефикасни природни начини да им помогнете на цревата и нивниот микробиом. На пример, малку да ги извалкате рацете. На пример, да гушнете некого. 

Човечкиот цревен микробиом е дом на трилиони микроорганизми кои се неопходни за целокупното здравје. Тоа вклучува разградување на влакна, регулирање на метаболизмот, поддршка на апсорпцијата на хранливи материи, синтетизирање на витамини, контрола на воспаленијата, борба против патогени.... 

Цревата имаат дури и директна врска со хемијата на вашиот мозок.

„Нездравиот микробиом може да придонесе за проблеми со варењето и воспалителни состојби во цревата, но и за дебелина, метаболички нарушувања, дијабетес, депресија, деменција, анксиозност, алергии, астма, па дури и автоимуни нарушувања“, реди Венди Џонсон, докторка по јавно здравје. 

Иако додатоците како пре-, про- и пост-биотици денес се многу извикани, таа не верува во тоа. За неа тие се „слаби замени за збогатување на целиот наш екосистем“.

Наместо скапите додатоци, таа предлага да ги обвновиме и расадиме нашите микробиоми на поприродни начини.

Првенствено преку поврзување со природата. 

1. Одете во природа и дишете 

„Прошетката и дишењето во шумата му користат на вашиот микробиом на неколку начини“, вели Џонсон. За почеток, свежиот воздух има пријателски микроби како mycobacterium vaccae, за кои е познато дека ги зголемуваат хормоните за „feel good“.  На многу места ќе вдишувате и фитонциди, кои се антимикробни растителни хемикалии кои се наоѓаат особено во четинарите. Oвие шумски соединенија помагаат да се покрене здрав имунолошки одговор. 

2. Одете и гушнете некого 

Човечкиот контакт е добар за вашите црева. Луѓето во тесно поврзани социјални мрежи имаат поголема микробна разновидност, што е во корелација со здрав микробиом.

Со секоја гушка и бацка и дружење со некого се разменуваат микроби. Тоа е особено добра вест ако вашиот круг јаде добро и има здрави микробиоми. Поголемата социјална поддршка, исто така, го намалува стресот и ја негува здравата оска црево-мозок со стимулирање на невротрансмитери како окситоцин и серотонин. Овие хемикалии помагаат да останете смирени, додека високиот кортизол - главниот хормон на стресот  - може да предизвика воспаление што ги исфрла микробите од рамнотежа.
* Бонус за љубителите на животни: „Имањето куче или мачка, исто така, помага да се одржи вашиот микробиом разновиден и го намалува стресот“, вели Џонсон.

3.Извалкајте ги малку рацете

Контакт со земјата е добра работа. Градинарството, плевењето, копањето и компостирањето се начини физички да го надополните вашиот микробиом. Играњето со земја значи дека впивате добри бактерии и габи преку белите дробови и кожата. Плус, градинарството го намалува стресот и нивото на кортизол.

4. Јадете локално и растително

За силен и разновиден микробиом, исхрана базирана на растенија е вистинскиот пат. Решете се за локално одгледувани и свежи производи секогаш кога тоа е можно. Посвежата храна задржува повеќе природни површински микроорганизми и носи помал ризик од микропластична контаминација од пакуваната храна. 

5. Култивирајте ваш домашен екосистем

Вашиот домашен микробиом е вашиот домашен екосистем. Одржувањето микробна рамнотежа во домот е од суштинско значење. Многу комерцијални средства за чистење, детергенти и пестициди содржат биоциди со широк спектар кои ги уништуваат и добрите и лошите бактерии. Прекумерната употреба на овие јаки хемикалии може да ја иритира кожата и да придонесе за отпорност на антибиотици. Избегнувајте силно миризливи сапуни, детергенти и омекнувачи на алишта, кои можат да им штетат  на природните масла на кожата и да ја променат нејзината pH рамнотежа, создавајќи непријателска средина за корисни микроби. 

„Дури и држењето на прозорците отворени помага во поддршката на микробната разновидност“, порачува доктор Венди Џонсон. 

Не била таа во Скопје, Тетово, Битола...

21 септември 2025 - 12:33