Републиканците од комисијата бараат да се изврши уште повеќе притисок врз Кина за да се дозволи „целосна, кредибилна истрага“ за изворот на глобалната пандемија. Тие објавија и извештај во кој се наведува дека е „клучно за здравствените експерти и за американската влада да разбере како настанал ковид-19, со цел да се спречат или брзо да се избегнат идни пандемии“.
Тие како аргументи наведуваат дека во минатото има повеќе случаи на протекувања од кинески лаборатории кои резултирале со зарази, како и предупредувањата од американски дипломати во Кина уште од 2017 дека лабораторијата во Вухан спроведува „опасни истражувања“ на коронавируси без да се следат „неопходните безбедносни протоколи, ризикувајќи случајно избивање на пандемија“. Републиканците посочуваат и на неколкуте истражувачи од лабораторијата во Вухан кои есента 2019 заболеле со симптоми налик ковид-19.
„Наспроти ова, се појавија многу малку докази кои го поддржуваат тврдењето на Кина дека ковид-19 е природна појава, која се префрлила на луѓето од некој друг вид.
Кинеските власти не успеаа да го идентификуваат оригиналниот вид кој наводно го пренел вирусот кај луѓе, што е критично за нивната теорија,“ пишуваат републиканците.
Републиканците го објавуваат извештајот откако го обвинуваат Бајден и директорот за национална безбедност дека не дале навремени апдејти околу истрагата за потеклото на ковид-19. Тие бараат американските разузнавачки служби да ги предадат сите информации што ги имаат за потеклото на ковид-19.
Минатиот месец Белата куќа објави дека верува дека Кина „не била транспарентна“ при објавувањето на информациите што ги има околу потеклото на ковид-19, кои беа дел од извештајот што го составија заедно со СЗО.
Белата куќа порача дека во извештајот на СЗО за Кина недостасуваат круцијални информации и дава само „делумна и некомплетна слика“ за потеклото на вирусот.
Тие ја повикаа Кина и СЗО да им дозволи на меѓународни експерти непречен пристап до податоците и пристап до луѓето кои биле таму за време на избувнувањето на ковид-19.