Зголемувањето на бројот на тестирани им помага на властите да идентификуваат илјадници заразени поединци што е клучен чекор за потиснување на вирусот без да се прибегнува кон економски неподносливите затворања на цели држави.
Во исто време масовното тестирање ги носи лабораториите до границите на нивниот капацитет, го забавува вадењето на резултатите и го компликува следењето на контакти што е важно за зауздување на вирусот. Плус многумина со позитивни тестови ги игнорираат правилата за само-изолација.
„Тоа пореметува сè. Тестирањето е корисно само ако оди заедно со ригорозно следење контакти и изолација,“ порачува професорот по структурална биологија на Универзитетот Оксфорд.
Како што периодов расте бројот на заразени, а и зимата се приближува, дел од здравствените експерти алармираат дека фокусот на бројот на тестирани го одвлекува вниманието од другите мерки неопходни за борба против пандемијата.
Додека од една страна лабораториите се претоварени со тестови (Британија 1,3 милиони за една недела, Франција 1,2 милиона) процената е дека има и друг излез па ако луѓето што ги следат контактите успеат да опфатат меѓу 50 и 80 проценти од контактите на заразените, а во меѓувреме позитивните останат дома, тоа ќе биде доволно за да се избегне уште еден масовен каратин и ставање на земјите под клуч, а за тоа треба лабораториите да не бидат заглавени со стотици илјади тестови.
Враќајќи се на тоа дека сите го следат бројот на тестирани, игнорирајќи други параметри, последните британски бројки покажуваат дека браната против ковид-19 пушта на други места, па само 20% од позитивните лица во Британија правилно се изолираат во својот дом (заради што во Англија ќе биде воведена казна од 10.000 фунти за лицата кои одбиваат да се самоизолираат).
Изолацијата е проблем и во Франција, каде властите во надеж дека луѓето е поверојатно да го испочитуваат седењето по дома ако е пократко го намалија задолжителниот период за само-изолација од 14 на 7 дена.
Во Германија и покрај масовното и успешно тестирање пред некое време изби ново жариште во Гармиш-Партенкирхен, кога 20-годишна Американка која заради симптоми на ковид-19 била тестирана и излегла позитивна на вирусот, продолжила уште неколку денови по ред да излегува низ баровите во градот. Здравствените работници подоцна откриваат над 30 нови заразени кои ги поврзуваат со недисциплината на Американката.