Пред неколку години Американците беа длабоко вознемирени дека укинувањето на часовите по физичко во училиштата предизвикува епидемија на дебелина. Потоа следуваше програмата на Мишел Обама "Let's Move" која се фокусира на вежбањето како клучен фактор за слабеење.
"Вежбањето има многу бенефити, ама има и проблеми ако се потпираш на него за контрола на тежината. Прво, не е вистина дека Американците, генерално, не ги слушаат апелите за повеќе физичка активност. Од 2001-ва до 2009-та процентот на луѓе кои се доволно физики активни е пораснат. Ама исто така порасна и процентот на дебели Американци. Првото не го спречи второто," пишува Арон Керол за Њујорк Тајмс.
Ставов го потврдуваат и повеќе студии, како и една мета-анализа од 2011-та, која ја анализира врската меѓу физичката активност и масното ткиво кај деца. Резултатите се дека активноста веројатно не е клучна во тоа дали децата имаат нездрава килажа. Слични резултати се и кај возрасните.
Меѓу контра-ефектите од вежбањето е и што тоа го зголемува апетитот, бидејќи по согорување на калориите вашето тело бара тие да се надоместат. При слабеењето исто така доаѓа и до забавување на метаболизмот.
Керол објаснува дека ова не е напад на вежбањето, кое има претерано многу позитивни ефекти на телото и здравјето на човекот. Туку дека внимавањето на храната и внесот на калории е многу поефикасен начин за слабеење.
"Не сакам да ме сфатите дека слабеењето со диета е лесно, а со вежбање е тешко. И двете се тешки. Предизвикот од забавениот метаболизам, и желбата да се јаде повеќе, се јавува и во двата случаи, иако промените во исхраната и понатаму даваат подобри резултати отколку вежбањето.
Ама ова не можам доволно да го нагласам: вежбањето има големи бенефити за здравјето на страна потенцијалот за слабеење. Голем број студии и рецензии покажуваат како физичката активност може да има позитивен напредок во кардиоваскуларни болести, дијабетес, заболувања на белите дробови, невролошки болести и депресија. Академијата на Медицински Кралски колеџи неодамна го прогласи за 'чудотворен лек', и иако обично ми е одвратно да го користам овој термин за што било во медицината, прилично големо тело на докази потврдува дека вежбањето го подобрува вашето здравје во различни полиња.
Меѓутоа овие големи предности изгледа не се задолжителни кај слабеењето. Податоците едноставно не го потврдуваат тоа. За жал, вежбањето изгледа дека не' возбудува многу повеќе отколку јадењето," пишува Керол.