Извештајот открива „слаби алки на секој точка од ланецот“, како и тоа дека подготовката за пандемијата била неконзистентна и недоволно финансирана, системот за алармирање бил премногу бавен и премногу тивок, а СЗО немала доволно моќ.
Во заклучокот во кој пишува дека „отсуствувало глобално политичко лидерство“, се наведува и дека одговорот на пандемијата ги нагласил нееднаквостите.
Според авторите, февруари 2020 бил „месец на изгубени шанси да се спречи пандемијата, бидејќи премногу држави избраа да чекаат и да видат што ќе се случува“.
„Некои чекаа да се наполнат болничките кревети пред да преземат повеќе мерки.
Но, до тогаш беше премногу доцна да се избегне пандемијата. Тоа што се случуваше беше општа тепачка за заштитна опрема и лекови. Глобално, здравствените работници беа тестирани до своите граници, а бројот на заразени и смртни случаи растеа и продолжуваат да растат,“ изјавува една од ко-авторките на студијата и поранешна премиерка на Нов Зеланд, Хелен Кларк.
Панелот кој го изработува извештајот на барање на СЗО, повикува на радикални промени во кои светските лидери заедно ќе ги надгледуваат подготовките за одбрана од пандемија што ќе осигури обезбедување на финансии и алатки неопходни за тоа.
Тие објаснуваат и дека Кинезите на време го идентификувале вирусот во Вухан кон крајот на 2019 и меѓународно го пријавиле, меѓутоа системите кои требало да ја валидираат и да алармираат околу заканата биле премногу бавни.
Самите правила на СЗО кои ја уредуваат процедурата за алармирање на светот ја имаат успорено глобалната реакција на пандемијата, и според панелот, глобална вонредна состојба требала да се прогласи уште на 22 јануари наместо на 30 јануари.
Реакцијата на државите е посебна слабост која придонела за експлозија на ковид. Па за време на „изгубениот месец февруари“, додека дел од државите се подготвуваа за справување со вирусот, други гледаа да ја „девалвираат и разголат“ науката која тврдеше дека постои смртоносна пандемија.
Еден од предлозите во извештајот е формирање на „совет за глобални здравствени закани“ со кои ќе раководат светски лидери, и кој ќе се фокусира на заканите од пандемиите и ќе осигури колективно дејствување.
Тие ги повикуваат богатите држави со доволно вакцини да донираат најмалку 1 милијарда дози во Ковакс до 1-ви септември.
Освен ова Г7 државите мора да обезбедат најмалку 60% од 19-те милијарди долари неопходни за вакцини, лекови, тестови и засилување на здравствениот систем, а останатите 40% треба да дојдат од Г20 и останати богати држави. Во исто време СЗО и СТО мора да ги натераат државите што произведуваат вакцини да го зголемат производството, а ако ништо не се случи тогаш треба на сила да стапи привременото суспендирање на патентите.