Откриени потписите на шизофренијата и биполарното растројство во мозокот

Со иновативен начин на проучување на човечкиот мозок, научници открија дека ментални состојби како шизофренијата и биполарното растројство оставаат уникатни електро-физиолошки потписи во мозочните мрежи. Откритието може да помогне за попрецизно дијагностицирање на менталните состојби и за дизајнирање персонални третмани за лекување.

Нарушувањата во менталното здравје се меѓу најпредизвикувачките медицински состојби за дијагностицирање и лекување. За разлика од многу физички болести, лекарите честопати не можат да се потпрат на мерливи резултати од тест на крвта, скенирање на мозокот или лабораториски испитувања. Тие потврдуваат дијагноза преку евалуирање на симптомите, набљудување на однесувањето и опширни разговори со пациентите за нивните искуства.

Овој процес може да биде комплициран бидејќи многу симптоми се преклопуваат помеѓу различни ментални здравствени состојби. Симптомите на шизофренијата се халуцинации, делузии и тешкотии со размислувањето и перцепцијата. Биполарното растројство се карактеризира со големи промени во расположението, енергијата и нивоата на активност. Нема биолошки знаци што би можеле да им помогнат на лекарите попрецизно да ги разликуваат.

Научници од Универзитетот Џонс Хопкинс направија важен чекор кон таа цел. Користејќи напредна технологија на матични клетки тие создадоа мали мозочни органоиди, „мини-мозоци“, кои немаат способност да размислуваат, да чувствуваат емоции, да формираат спомени или да доживеат свест, но на научниците им овозможуваат да проучуваат како се развиваат и комуницираат мозочните мрежи.

Од матични клетки на луѓе со дијагностицирана шизофренија и биполарно растројство, како и од луѓе без никаква позната ментална болест за споредба, биле формирани органоиди што личат на делови од префронталниот кортекс - регион од мозокот вклучен во планирањето, донесувањето одлуки, расудувањето и други ментални функции на повисоко ниво. Органоидите биле поврзани со специјално дизајнирани микрочипови со електроди што ја снимаат електричната активност од клетките во реално време - слично на електроенцефалограм. Со овој систем можело мерливо да се следи како невроните комуницираат едни со други. Компјутерски систем со ВИ потоа се обидел да идентификува на која група припаѓа секој органоид.

Резултатите биле импресивни. Невроните имале различни шеми на активност во зависност дали се од здрави лица или од луѓе со дијагностицирана шизофренија или биполарно растројство. На првото тестирање системот правилно ги класифицирал со точност до 83%. По блага електрична стимулација, точноста се зголемила на 92%.

Освен за подобра дијагностика, истражувањето може да придонесе за поефикасни третмани на лекување ментални состојби. Пронаоѓањето на вистинскиот лек сега често вклучува обиди и грешки. Пациентите може да поминат месеци или години пробувајќи различни лекови пред да се открие еден соодветен за нивната состојба.

Во иднина, лекарите би можеле да ги тестираат лековите директно на лабораториски одгледувани органоиди од пациентот и да предвидат кој третман би функционирал најдобро. Персонализираниот пристап би можел да ги намали и несаканите ефекти.

17 јуни 2026 - 08:08