„Најверојатно нема да го постигнеме прагот на колективен имунитет,“ пиша уште во февруари Сара Жанг во Атлантик но таа идеја по инерција и натаму останува глобално посакувана разврска на актуелната пандемија, која иако можеби ни се чини како стар и добро познат непријател кој ја губи битката со нас, веќе втора недела има рекорден број жртви на глобално ниво.
Еден од главните проблеми на таа фамозна идеја е дека тој праг никогаш не е утврден. Американскиот центар за превенција и заразни болести признава дека „експертите не се сигурни.“ Првиот американски епидемиолог, доктор Фаучи, лани кажа дека колективна заштита ќе има кога од 75 до 85 проценти од луѓето во САД ќе бидат имунизирани, прележувајќи ја болеста или вакцинирајќи се. Само што, разликата меѓу неговата долна и горна линија изнесува 33 милиони Американци. А и долната граница тешко да се постигне поради стабилниот број на луѓе кои не сакаат да се вакцинираат, нерамномерната вакцинација во однос на географијата, социјалниот статус и други фактори.
Накратко, колективниот имунитет е подвижна мета. СЗО ја постави рампата меѓу 60 и 70 проценти, а во Израел, со 60 проценти луѓе со примени барем една доза (до 19 април), денот знае да мине и со нула новозаразени, а имаа по 8.000 на почетокот на јануари.
Наместо елиминација на вирусот, сега постепено се оди кон потребата од минимизирање на ризикот, идеја која си доби легитимитет и поради (ретките) нус-појави на вакцините кои упатените и надлежните ги оправдуваат со тоа што ризикот од ковид е далеку поголем отколку ризикот од вакцина.
Од науката не може ама баш сè да се очекува, особено што и досега дел од наметнатите мерки не произлегуваа од неа.
„Дали само заради теоретските шанси да се добие вирус од некој што трча на патека, сите мора да носат маски надвор, никогаш не беше научна доктрина,“ пишува Џујиет Кајем.
По неа, многу работи ќе зависат од вредносните проценки на оние кои ги носат одлуките, исто како што зад враќањето на вакцината на Џонсон и Џонсон, првенствено стоеше проценка: Дали Американците можат да толерираат мал ризик во име на тоа животот да се нормализира?
„Постепено одиме кон победа. Таа нема да дојде во форма на официјално прогласување дека е постигнат колективен имунитет, туку кога вакцинирате Американци ќе почнат да се чувствуваат доволно сигурни да се гушнат, да испијат кафе со некого па дури и да збеснат на некоја ноќна журка, како што тоа некогаш се правеше.“