Најфасцинантната ковид приказна се вика Бутан

На седми јануари годинава, 34 годишен човек, со постоечки проблеми со бубрезите и црниот дроб, бил примен во болница во главниот град на Бутан, Тимпу. Починал од корона и тоа е прва жртва во земјата од оваа болест. Не прва жртва тој ден, таа недела или месец, туку првата жртва од почетокот на пандемијата. Можеби фактот дека отпорот им е во сржта на националниот идентитет, има некаква врска со тоа.

Ако по нешто Бутан е познат, тоа е филозофијата на тамошното владеење по кое успехот на земјата и на нејзините граѓани не се мери со стандардниот БДП (бруто домашен производ) туку со параметарот БНС (бруто национална среќа). Тоа е концепт кој е познат уште од 70-тите години но кај нив е влезен и во уставот, како водечки принцип кој води сметка за балансот меѓу економскиот развој од една, и одржливоста и културното богатство од друга страна.

Кога пандемијата почна да се шири, Бутан изгледаше како зрела жртва. Имаат само 776 лекари на популација од 760.000 луѓе, помалку од половина колку што е препорачаниот размер од СЗО. Во нивниот здравствен систем работат вкупно 3.000 луѓе и имале само една ПЦР машина за тестирање примероци. Од друга страна, иако границата со Кина е затворена, со Индија делат преку 1.000 километри порозна граница.

Но затоа имаат нешто во колективниот идентитет (да, постои такво нешто, остајте вие што бунцаат испраните како Козлова) кое западните посматрачи го опишуваат како отпорност, способност за брзо закрепнување и спремност заедно да се истрпат заедничките маки. 

И држава, односно власти кои ги знаат приоритетите.

На 31 декември 2019 година, Кина го пријавува првото жариште на непознатата болест. На 11 јануари, Бутан почнува да го прави планот за национална подготвеност и реагирање а веќе на 15 јануари започнуваат со скрининзи за респираторни симптоми на аеродромите и другите влезни точки во земјата.

Својот прв ковид случај Бутан го има на 6 март - 76 годишен американски турист. Само шест часа и 18 минути подоцна, имаат капсулирано 300 контакти (и контакти на контактите) на заболениот кои веднаш одат во карантин. Американецот со авион е пренесен во САД, се очекувало да умре но преживеал. „Што и да му правеле во Бутан, му го спасиле животот,“ пренесува Вашингтон Тајмс изјави од докторите во Мериленд.

На почетокот на март веќе објавуваат и спроведуваат јасни протоколи за сите. СЗО на 11 март прогласува пандемија, Бутан само пет дена подоцна е оперативно спремен сите сомнителни случаи, дури и асимптоматските, да ги стави во изолација, со сместување и храна во хотелските капацитети на земјата, со медицински надзор, психолошки совети и сè по ред.

Одат и чекор понатаму од СЗО па препорачаниот карантин од 14 дена го продолжуваат на 21 ден. Причина: 14 дневен карантин остава 11 проценти можност човекот и натаму да е заразен а Бутан не го сака тоа.  Кога во август, 27 годишна жена станува првото лице кое е позитивно на ковид а се наоѓало надвор од карантин, во цела земја се воведува тринеделен локдаун.

Се обезбедува фонд за поддршка на оние кои економски се погодени од рестрикциите, на сите постари од 60 години им се праќаат пакети со витамини и санитарни средства а илјадници луѓе се пријавуваат како доброволци во хуманитарните чети.

И властите покажуваат сличен алтруизам. Министерката за здравство, Дечен Вангмо, инаку епидемиолог од Јејл, со недели спиела во министерството, одвоена од нејзиниот млад син. А премиерот Лотај Черинг, инаку врвен доктор, во саботите извршувал операции и главно спиел на импровизиран кревет во неговиот кабинет.

Ковид пандемијата доведе до точка на распаѓање многу здравствени системи на богати и развиени земји. Бутан не е единствениот пример дека и од сиромаштијата (по БДП, не по БНС) може нешто да се научи: Виетнам so 96 милиони жители има само 35 смртни случаи на ковид (пишувавме за нив кога имаа нула), Руанда има 226, Сенегал 700...

„Ние во САД го имаме веројатно најдобриот систем за интензивна нега на целиот свет. Но истовремено имаме запоставено многу други битни фактори на јавното здравје. Не сум сигурен дека имаме социјална компактност за да бидеме способни заеднички да носиме тешки одлуки кои ќе бидат за општо добро. Не сум сигурен ни дека во моментов можеме да се согласиме што е општото добро, но на тој пат мора да се тргне“, вели директорот на еден бостонски центар за здравствени иновации.

*************

Фото галерија од Бутан

13 февруари 2021 - 16:33