Мускули и маса за борба против депресија

Мерејќи го ризикот од депресија наспроти мускулите и мускулната маса кај илјадници Американци, научниците заклучуваат дека колку повеќе од ова второто, толку помалку од она првото.

Студија спроведена од Кинеската академија за кинеска медицина, користи огромна база на податоци за населението во САД, за попрецизно да ја утврди врската меѓу мускулната маса и депресијата.

Таа го користи периодот од 2011 до 2014 и од испитувањето ги исклучува сите под 18 години или со бременост.

Нивото на депресија се утврдува преку стандарден прашалник и се оценува на скала од 0 до 27, каде повисоката оценка означува полоша состојба. Лицата со оценка над 10 биле квалификувани како депресивни.

Со посебна методологија (рендгенска снимка и динамометар) се мери мускулната маса и силината на стисокот.

Студијата открива дека колку биле повисоки резултатите кај мускулната маса и стисокот, толку била пониска оценката за депресија. Отприлика на секои 5 килограми раст на силата на стисок, веројатноста од депресија се намалувала за 5,7%. Пациентите во топ 25% по сила на стисок имале 39,9% помала опасност од депресија отколку оние во најдолните 25%.

Нешто слично било и кај мускулната маса каде на секој 1 килограм раст на чист мускул, опасноста од депресија се намалувала за 5,5%. Разликата во ризикот од депресија меѓу топ 25% по мускулна маса и најслабиот квартал, изнесувала 44,1%.

Разликите и користа од вежбањето посебно биле нагласени кај лицата на возраст од 40 до 59 години.

23 декември 2024 - 14:18