Имунитетот на човечкиот организам е комплициран механизам и многу нијанси се губат во медиумските наслови. Кога беше обелоденето дека анти-телата кои имаат задача да го неутрализираат патогенот и да спречат ширење на инфекцијата речиси исчезнуваат за само неколку месеци, медиуми прогласија крај на надежите за постигнување колективен имунитет.
Но, имунитетот не се само тие тела, како што пишувавме во „Ајде малку да си се тешиме околу имунитетот“. Во игра се и т-клетките кои можат да функционираат и без првите. Тие се справуваат со инфекција која е во тек, додека анти-телата служат за да спречат ширење на инфекцијата. Кога вториве нема да успеат и вирусот ќе навлезе во клетката, настапуваат т-клетките за да ги уништат заразените клетки. Но и со тоа не се исцрпуваат алатките на имунолошкиот механизам. Постојат и б- клетки. Тие се оние кои произведуваат анти-тела но некои од нив стануваат мемориски б-клетки кај кои се сочувани инструкциите за производство на одреден профил анти-тела. Тие не се активни туку прикриено се распоредуваат во лимфните жлезди, во слезината и во првичната локација на инфекцијата, чекајќи сигнал повторно да почнат со производство на потребните анти-тела. Постојат и помошни т-клетки, ама да не тупиме.
Се проценува дека извесен дел од популацијата (можеби од 25 до 50 проценти од луѓето) во себе веќе имаат постоечки Т клетки кои реагираат на SARS-CoV-2, иако овие луѓе никогаш немаат дојдено во допир со новиот вирус.
Наспроти многуте анегдотални примери за реинфицирани луѓе, случајот со 33 годишниот дечко од Хонг Конг е документиран и проверен. Да, двапати се заразил од истата болест но првиот пат со сите можни симптоми и компликации а вториот пат без ниеден симптом, што значи дека неговиот имунолошки систем сепак реагирал на опасноста. Останува дополнително да се открие дали овие ковид понављачи и вториот пат се заразни по околината.