Маркетинг измамата што ја нарекуваме детоксикација

Молиер во една своја комедија пишува за хипохондрик кој е исмеван за неговата наклоност кон клизми. 350 години подоцна, луѓето своеволно одат на "хидротерапија на дебело црево" чие ветување е дека преку ректумот ќе ги извади сите токсини од вашето тело.

Освен вака инвазивни техники, најголемиот дел детоксикации се сведуваат на најразлични диети во комбинација со најразлични смутија (од трева и брокула) или слично здрави течности (чај од анасон), ги има во прашок, капсули, сирупи и слично. Последен во серијата магично здрави состојки е црниот сладолед за детоксикација направен од пепел од кокос и е на пат да стане еден од најголемите летни трендови во Њујорк.

Наспроти ваквиот бран има легии доктори, како Џиан Дорта, од болницата на Универзитетот на Лозана, која објаснува:

"Овие производи за детоксикација го обележуваат враќањето на шарлатанството. Апсолутно нема потреба за детоксикација бидејќи човековото тело самото тоа го прави преку црниот дроб и бубрезите, кои се органи исклучиво посветени на ова."

Филозофскиот пристап на сето ова, посебно на клизмите, по зборовите на Жан Бодријар е дека ние се обидуваме "да го обелеме нашето тело, да ја скриеме неговата природна состојба, која ја сметаме за фалична." Според друг филозоф, Јанис Константинидис "целосното чистење е знак на постојаниот немир на Западниот свет во однос на природното и несовршено тело кое ослободува мириси, и кое, мислиме, го подобруваме преку чистењето."

"Ова е метафизичка вина. Исчезнувањето на религијата остави празнина која е пополнета со оваа втора религиозност, сума на празни и измешани верувања, без никаква форма на возвишеност. Па ние затоа одржуваме стари ритуали, дури и ги модернизираме, меѓутоа нивното подлабоко значење е изгубено," објаснува Константинидис.

Винсен Сеспедес, целата работа ја објаснува со лековерноста на луѓето во едно единствено верување: "детоксикацијата и нејзиниот емоционален аскетизам ги тера луѓето да мислат дека некаде постои егзистенцијален рај, достапен само преку вежбање препишано од дилерите на самопочит. И пораката секогаш останува иста: Ти користиш само 10% од твоите капацитети, ама наскоро би можел да користиш и до 90% ако секој ден ги следиш овие нови правила."

16 септември 2016 - 14:19