И покрај смртоносната промаја:

Македонците (уште само) здравјето ги служи

На глобалниот индекс на здравјето, од 166 земји Македонците го држат 44 место. Не е тоа сјајна позиција но е подобра од рангирањето на повеќето македонски репрезентации.  

Италијанската чизма опколена со пет мориња е прва на листата на глобалното здравје; земја во која денес родено бебе најверојатно ќе доживее преку 80 години. Неколку илјади километри појужно, во Сиера Леоне, статистиката очекува бебето да живее само 52 години.

Иако е развиена, Италија е земја во која развојот стагнира со децении, 40% од младите се без работа а новите генерации се оптоварени со огромен долг на државата. Па сепак, поздрави се и во подобrа форма од Американците, Канаѓаните или Британците. 

Глобалниот индекс на здравјето не се бави со причините но се претпоставува дека има нешто во исхраната и фетишот кон свежи производи, како и во начинот на живеење (најважниот деловен состанок тие сепак ќе го прекинат за пауза за ручек).

Индексот е синтетички показател од дузина параметри кои влијаат врз здравјето. Американската позиција (34 место) најмногу е оптоварена од дебелината, особено во најсиромашните држави (Алабама, Луизијана, Мисисипи и Западна Вирџинија) во кои 35% од населението имаат проблем со вишокот килограми.

Македонија е за две места послаба од Босна а регионално најздрави се Грците (20 место). Албанија е на 50-та позиција.
 

A шампион во самата Италија е местото Ачароли во кое секој десетти жител има преку 100 години. По лабораториски испитувања на 80% од тамошното населението било забележано многу ниско ниво на хормонот адреномедулин (кој е фино да се има на 20 и 30 години но подоцна прави проблеми со циркулацијата). 

Јадат свежа риба, зајаци и кокошки, локален зеленчук и овошје. И многу рузмарин.

****

Види и:

Фонд за здравство - камај!

Сликата на Тодоров ни е од овде

10 април 2017 - 09:02