Галамата против кокосовото масло ја започна професорката по нутриционизам од Харвард, Карин Мајклс, која освен што го нарече „чист отров“ објасни дека тоа е полошо од речиси сите останати масла за јадење. Тврдењето на Мајклс е засилено со фактот дека до сега нема ниту една студија која покажува дека кокосовото масло е подобро од останатите храни, а посебно не од останатите масла.
И покрај тоа што е речиси исклучиво составено од нездравите заситени масти, кокосовото масло успеваше со години да се протне како здрава состојка во храната, нешто на што лани предупреди и Американската асоцијација за срце, која ова масло го додаде и на списокот на најнездрави масти.
Она што научниците го знаат долги години пред да се алармира јавноста е дека секоја студија во која се истражува кокосовото масло, и пред тоа да се популаризира, покажува дека не постојат никакви бенефити од неговото користење во споредба со други масла.
„Всушност, голем број покажуваат дека кокосовото масло го зголемува нивото на штетен (ЛДЛ) холестерол повеќе отколку кои било други течни масла.
Од структурна гледна точка кокосовото масло е 90% заситени масти. На пример кај путерот ова изнесува 64%, а кај мастите и салото од говедско месо тоа е 40%,“ објаснува Клер Маларели во текстот за Популар саенс.
Она што со сигурност се знае е дека големи количини на заситени масти во исхраната предизвикуваат раст на нивото на штетен (ЛДЛ) холестерол, кој наместо да стигне до црниот дроб каде се преработува и исфрла од телото (како ХДЛ), ги закрчува нашите артерии и придонесува за нивно блокирање што на крај завршува со срцев удар или слични заболувања.
Патот на кокосовото масло до нутриционистичко божество почнува во 2003 коа научници од Универзитетот Колумбија објавуваат серија студии според кои средноверижните масти, кои во изобилие се наоѓаат во кокосовото масло, помагаат во согорување на масните наслаги (салото). Цаката е во тоа што кокосовото масло содржи само 14% средноверижни масти, а истражувачите на испитаниците во студијата воопшто не им ни даваат кокосово масло, туку специјален производ кој е составен од 100% чисти средноверижни масти. Ваквите детали ни најмалку не попречуваат во галопот на кокосовото масло до титулата суперхрана.
Речиси секоја храна во својата оригинална необработена форма е хранлива, а тврдењето дека е супериорна во однос на други е само маркетинг.
„Зеленчукот и овошјето се супер, не е важно што ќе одбереш од пиљара, пак ќе биде супер. А ако не е супер, барем ќе биде супериорно,“ објаснува спортската нутриционистка Лесли Бончи.
Според Бончи не постои една единствена храна што ги обезбедува сите корисни хранливи материи, анти-оксиданти, витамини, макро и микро хранливи материи потребни на телото, “единствен исклучок од ова е мајчиното млеко во првите шест месеци од животот на бебето“.