Кои се новите дечки на короната?

Иако се чинеше дека со брзо произведените вакцини ќе го сардисаме вирусот, неговите нови варијанти односно соеви покажуваат дека тој не ни помислува да го предаде натпреварот. За новите играчи во екипата на вирусот.

По неколкумесечното примирје, загриженоста околу коронавирусот брзо прогресираше во последните месеци.

Прво научници во Велика Британија забележаа позаразна варијанта на коронавирус која како шумски пожар се пренесе во лондонската област. Потоа истражувачи во Јужна Африка  регистрираа сој кој го избегнува имуниот систем а аларм вклучи и Бразил откако беше детектирана варијанта која се чини дека може одново да зарази луѓето кои го прележале вирусот.

А да не биде тука крај, американски студии навестуваат дека и кај нив се развиваат автохтони соеви на новиот коронавирус.

Накратко, вирусот го прави она што му е работа и што му е неопходно за да преживее: еволуира и наоѓа нови начини да дојде до човечки организми.

„Вирусот досега зарази милиони луѓе и веројатно допрва развива поинтимен однос со нашиот вид,“ вели Џереми Камил од Универзитетот вов Луизијана, истражувачот кој пријави американска мутација што се појавува во различни делови од земјата.

Поради новите соеви, во моментов се чини дека вирусот повторно е во предност а ние пред  можна нова офанзива од новите варијанти со загрижувачка опција во меѓувреме да се појават и други соеви бидејќи короната и натаму нема сериозен проблем да доаѓа до нови домаќини во кои ќе ги вежба своите тактики.

Ова се варијантите кои во моментов се под засилен мониторинг:

Варијанта B.1.1.7: прво забележана во Велика Британија

Западниот свет е најзагрижен од овој сој, првенствено затоа што е позаразен од оригиналот (НПР велат 50% повеќе) а и потешко се минува болеста. Забележана е во 46 американски сојузни држави и се очекува до крајот на овој месец да стане доминантна варијанта на вирусот.

Варијанта B.1.351: прво забележана во Јужна Африка

Науката е алармирана од оваа варијанта затоа што има произведено мутација која се чини како многу поотпорна и потешка за справување. Мутацијата е наречена E484K и изгледа дека е повешта во заобиколување на одбранбените механизми и анти-тела, што значи дека постоечките лекарства не ѝ можат баш многу. Ѝ се припишува и способност за реинфицирање на прележани а најзагрижувачките се лабораториските студии по кои постоечките вакцини се помалку ефикасни против неа. Ја има во најмалку 17 сојузни држави.

Варијанта P.1: прво детектирана во Бразил

Овој сој ја има истата мутација од погоре и ја покажа својата злокобоност кога по вторпат го опожари Манаус, градот кој масовно го прележа првиот бран за што оптимистички пишувавме во статијата „Градот кој дојде до имунитет на стадото

Во САД постојат неколку варијанти од кои две посебно се следат: B.1.427 која е позаразна од оригиналот но помалку заразна од британската и „B.1.526, која ја поседува моќната мутација која знае да игра жмурки со анти телата.

 

 

7 март 2021 - 18:56