Како дебелината стана болест (а слабеењето индустрија)

Пред 2000 години грчкиот лекар и филозоф Гален дијагностицира дека "лошите телесни течности" се причина за дебелината, а како лек за тоа препишува масажи, одење на бања и "храна за слабеење" како лисести растенија, лук и дивеч за претерано дебелите. Од тогаш до денес слабеењето е една од најуспешните индустрии, пред се благодарејќи на тоа дека ретко кога е успешно на долг рок.

Во 1942-ра една американска осигурителна компанија воведува таблица која масовно почнува да се користи како стандард за дебелина во САД. Таа се базира на податоци за старост, тежината и смртноста собрани од 5 милиони животни полиси продадени во САД и Канада. Таблицата ја нуди посакуваната тежина за секоја висина. Ова е прв пат кога обичниот народ и докторите можат да се споредат каде се во однос на "здравото." Почнуваат да се споредуваат, а паралелно со ова се почесто се споменуваат термините како предебел, угоен и слично.

Во 1949-та група доктори го формираат Националното друштво за дебелина, првото од многуте професионални асоцијации кои треба да го воведат проблемот со дебелината во меинстримот.

Со тек на време докторите ја пропагираат идејата дека справувањето со дебелина е должност само на професионално обучени лица односно - доктори.

"Овие медицински експерти веруваат дека без разлика колку си слаб е поздраво отколку да бидеш дебел," пишува професорката по психологија на Универзитетот на Вашингтон, Нита Мери МекКинли.

Во 2013-та, на 3-дневен состанок на Американската медицинска асоцијација се изгласува резолуцијата 420 со која тие ја прифаќаат "дебелината како болест." Само неколку месеци претходно истата оваа асоцијација бара од сопствениот Комитет за наука и јавно здравје да го истражи проблемот. Комитетот се изјаснува со мислење на 5 страни во кое кажува дека дебелината НЕ треба официјално да биде обележана како болест.

Тие имаат неколку причини за ова:

- прво, дебелината не одговара на дефиницијата за медицинско заболување. Нема никакви симптоми, и не е секогаш штетна - туку, за одредени луѓе во одредени ситуации, се покажала како корисна наместо деструктивна.

- второ, болест, по дефиниција, значи и дека е нарушено нормалното функционирање на телото. Меѓутоа голем број од експертите веруваат дека дебелеењето - ефикасното складирање на вишокот калории како масти - е нормална адаптација на околностите (само сега не изгледа така затоа што живееме во ера кога никој не гладува).

- трето, комитетот е загрижен дека идентификувањето на дебелината како болест дополнително ќе им наштети на пациентите, создавајќи уште повеќе стигма околу дебелината и терајќи ги луѓето на неопходни третмани.

Членството на асоцијацијата не се согласува со комитетот и ја прогласува дебелината за болест.

Иако претседателката на асоцијацијата не дава одговор што го натерало членството да гласа спротивно од одлуката на комисијата, според професорот по педијатрија и медицина од Универзитетот на Колорадо, Џејмс Хил "сега можеме да имаме стандардизација за надомест и терапија."

"Со други зборови, следи ги парите. Докторите сакаат да им биде платено за тоа што ќе им дадат терапии за слабеење на пациентите. Секој пат кога треба да се наплати, започнува сложената процедура во која се пребројува бројот на телесни системи кои се прегледани и бројот на болести за кој си дал совет. Ако фондот за здравство (Medicare) се сложи со одлуката на асоцијацијата и ја обележи дебелината како болест, тогаш докторите кои на своите пациенти и само ќе им ја споменат тежината како еден од проблемите ќе можат да наплатат повеќе отколку оние доктори кои нема да ја споменат," стои во извадокот од книгата Body of Truth на Хаирет Браун, што го објавува Атлантик.

25 март 2015 - 16:29