Пластиката е добиена преку рециклирање, а хемикалиите таму се нашле откако протекле од електронските уреди од кои пластиката била рециклирана. Си-ен-ен пишува за студијата што ја спроведува Токсик-фри фјучр и во неа најопасни се противпожарните хемикалии што се додаваат на пластиките, и обично се користат во изработката на телевизорите и останатата електроника.
Во истражувањето откриени се остатоци од декаБДЕ во црните пластични садови за храна за носење, во пластични ланчиња и медалјони со кои си играат и ги носат деца или пластична шпатула.
ДекаБДЕ хемикалијата е дел од ПБДЕ класата на противпожарни хемикалии. Претходна студија за рак од април 2024 потврди дека лицата со највисоки нивоа на ПБДЕ во крвта имаат 300% поголема веројатност да умрат од рак отколку лицата со најниски нивоа.
Производителите на електронски уреди користат противпожарни хемикалии за да го спречат или евентуално забават ширењето на пожарите, и оваа група опфаќа телевизори, смартфони, компјутери, играчки конзоли и таблет уреди. Овие хемикалии се користат и во каучи, фотелји, столчиња и сличен мебел.
Студијата ја опфатила само црната пластика, не и останатите бои на пластика. Во нејзе не е наведен ниту еден бренд на производите што се тестираат. Истражувања што и претходно се направени во други држави освен САД, идентификувале исти проблеми со противпожарните хемикалии кај црната пластика.
На потрошувачите им се предлага да почнат да користат кујнски прибор од нерѓосувачки челик (во комбинација со нетефлонски садови) или дрво (ама не тие мелените, дробени и лепени садови и прибор од бамбус или најразлични материјали, туку обично парче дрво).