Доста се лажете, уште сме на почетокот од глобалната пандемија

Се додека секоја држава не е заштитена, сите сме во ризик. Само ефикасни вакцини и терапии ќе ни дозволат да го искорениме коронавирусот, објаснува др. Џереми Фарар, директорот на Велком трустот.

Минаа шест месеци откако се појавија првите случаи на ковид-19 во Вухан, и многумина од нас во Британија чувствуваат микс на олеснување и вознемиреност од одлуката на Англија за олабавување на мерките за изолација. Олабавувањето на мерките, заедно со потоплото време, донесоа надеж. Британската влада разбирливо е нетрпелива да го врати општеството и економијата на старите патеки. Ова е нешто што сите го посакуваме, и ова е нешто кое научниците се стремат да го обезбедат.

Откако вирусот почна да бранува низ светот, научниците со неверојатна брзина работеа да го разберат ковид-19. Во рекордно време беа постигнати напредоци: веќе се во развој над 200 кандидати за вакцина, а идентификуван е и третман, дексаметазон, за кој знаеме дека спасува животи. Во рок до неколку месеци постигнавме нешто за што вообичаено се потребни децении.

Меѓутоа овие огромни скокови не треба да ни даваат лажно чувство на безбедност. Иако националните карантини спасија голем број животи, вирусот се уште не е исчезнат. Патот до елиминирање на ковид-19 и понатаму содржи голем број непознати. Ние се уште не знаеме како вирусот ќе еволуира, како се создава имунитет или колку ќе трае. Немаме вакцина која би спречила луѓето да се заразуваат, или избор на различни третмани за да им помогнеме да избегнат хоспитализирање, или да спречат влошување на симптомите ако веќе биле хоспитализирани.

Глобално, пандемијата се забрзува и шири во нови области во САД, централна и јужна Америка, јужна Азија и Африка. Над 10 милиони случаи и 500.000 починати, и двете несомнено нецелосни бројки, се мрачни достигнувања кои се далеку од крајниот исход.

Државите кои успеаа да го намалат бројот на случаи и понатаму ризикуваат враќање и идни бранови. На места како Пекинг, Северна Рајна - Вестфалија и Лестер има загрижувачки скок на бројот на нови случаи. САД се уште имаат дневен раст на бројот на заразени. Ситуацијата во Британија и САД, две држави кои имаа голем број случаи за време на пандемијата, виси на раб.

Низ Европа, и посебно во Британија, на владите им е неопходно време за од дистанца да ги погледнат и да научат од искуствата на изминатите шест месеци за да избегнат идни кризи и за да се справат со потенцијалниот втор бран. Може да претпоставиме дека овој втор бран ќе дојде зимава.

Имање на робусен систем на тестирање, следење и изолирање кој ќе биде распределен низ заедниците, училиштата, болниците и старечките домови, ќе биде витален за држење на вирусот под контрола. Податоците за ширењето на вирусот мора да бидат рапидно споделувани со релевантните здравствени власти и пренесени на локалните власти. Собирањето податоци не е доволно. Овие податоци мора да бидат искористени за создавање на рапиден, однапред планиран одговор. И на овој одговор мора да му се верува, да биде предводен од локални доктори и насочен кон конкретни кластери и жаришта за да се спречи идно ширење.

Меѓутоа ова не се долгорочни решенија. Обезбедување на ефикасна вакцина и третман за ковид-19 и засилување на јавното здравство се единствените начини за ставање крај на пандемијата. Се додека сите држави не се заштитени, сите сме пред ризик. Ќе ни бидат потребни милијарди дози вакцини и терапии. До сега не било пробано ништо со волкав обем, а моменталните капацитети за производство и дистрибуција не се ни близу до исполнување на овие потреби.

Искоренувањето на вирусот нема да биде евтино. СЗО и партнерите од АКТ-Акселератор, глобална соработка за споделување на трошоците и ризиците од развивањето вакцина и кандидати за третмани, сега ја пресметуваат вкупната цена за ова на 31,3 милијарди долари. До овој момент, собрани се 3,4 милијарди долари. Ова е само делче во споредба со човечката и економска цена на коронавирусот што сега ја плаќаме (според ММФ, пандемијата би можела да ја чини глобалната економија околу 12 илјади милијарди долари).

Импресиониран сум од поддршката што изминатите неколку месеци владите, филантропите и индустриските тела, ја покажаа за соработката. Тоа е она што направи таков научен напредок да биде возможен. Обидите на националните влади да ги откупат целите залихи на дијагностички терапии и вакцини со цел да ги заштитат сопствените граѓани не се погрешни само по морална и етичка основа. Тоа исто така не е паметно водење на јавното здравје. Овие болести не се засегнати од државни граници.

Обезбедување на рамноправен пристап до вакцини, терапии и тестови за сите не е алтруизам. Во интерес на сите држави е да работат заедно за да спречат уште повеќе смртни случаи и економски проблеми. Дозволувањето држави да заостанат ги загрозува сите овие напори - а последиците ќе бидат почувствувани и меѓу државите со високи и државите со ниски примања.

Во изминатите 6 месеци научивме многу за ковид-19. Стануваме сè подобри во третирање на болеста, а стапките на смртност опаѓаат, меѓутоа нема избегнување на обемот на задачата која нè чека. Колку повеќе чекаме, толку полошо ќе биде. Се уште сме на почетокот на оваа пандемија и има само една стратегија за излез - интервенции кои ќе ги променат темелите на заразата, пренесувањето и болеста. Мора да учиме од првите шест месеци на пандемијата, да ги дуплираме нашите напори и да продолжиме заедно да делуваме.

Др. Џереми Фарар, Велком труст
Гардијан

2 јули 2020 - 16:26