Документарецот што само ја замрси дебатата околу ГМО

Може не е главна порака, ама уденува важна поента: за науката за храна активистите што се противат на безбедноста на ГМО храната се еквивалент на луѓето што веруваат дека земјата е рамна.

Двајца тешкаши на тема храна, не како готвачи, туку од научна перспектива, се главните ликови во документарецот Еволуција на храна, ретко отворен про-ГМО документарец што користи наука за побивање на митовите околу штетноста на ГМО.

Едниот е Мајкл Полан, автор на бестселерот Одбрана на храната и професор по новинарство на Беркли. Втората е Марион Нестле, авторка на бестселерот Што да јадам и професорка по исхрана и студии за храна на Универзитетот на Њујорк.

Делот со "замрсувањето" следува откако на неколку дена пред премиерата на филмот и Полан и Нестле се дистанцираа од документарецот генерално нарекувајќи го "ГМО пропаганда".

Клучно околу нивниот бунт е тоа што забелешката на двајцата не е околу безбедноста на ГМО храната, туку дека документарецот ги пренесува нивните изјави вон контекст, односно ја заматува нивната критика на теми како отпорност на хербициди, безбедност на пестицидите, и моќта на корпорациите масовно да ги произведуваат.

Она што во целата работа не е спорно ниту за Полан, ниту за Нестле е "научното тврдење на филмот, добро документираниот научен консензус дека ГМО храната е безбедна, што е поддржано не само од американската федерална агенција за храна и лекови, туку и од Светската здравствена организација, Американската медицинска асоцијација, и Националната академија на науки, инженерство и медицина".

"А сепак, доказите никогаш не биле доволни за да ги одвратат анти-ГМО активистите кои инсистираат дека ГМО се опасни. Овие активисти тврдат, без апсолутно никакви докази, дека ГМО предизвикува алергии на храна, прекумерна тежина, рак и аутизам. Една од најгласните анти-ГМО активистки, Зен Ханикат, на кратко се појавува во документарецот и објаснува дека родителите можат да ги излечат здравствените проблеми на своите деца со префрлање на не-ГМО исхрана.

Благодарејќи на овие раширени митови, изградена е цела индустрија што се базира на научно безначајните 'без ГМО' етикети. Храната без ГМО, како и 'проект верификувано без ГМО' печатот што го гледаш на речиси секој производ во Хол фудс, се шири затоа што ги убедија луѓето да веруваат дека исхрана без ГМО е побезбедна и похранлива. Како што покажува филмов, ширењето страв околу ГМО има влијание и низ останатите земји во светот, па земји како Русија и Венецуела комплетно забранија ГМО. Па иако Полан и Нестле не сакаат да бидат сметани за про-ГМО, тие не ја отфрлаат нивната докажана безбедност.

Но сржта на нивната критика - дека филмот недоволно ги истражува проблемите што се вон темата безбедност на ГМО - исто така служи за истакнување на клучен сегмент од пообемната дебата: нема никаква смисла ГМО да се суди како монолитен ентитет.

ГМО не е состојка, и нивното демонизирање е закана за технологијата што е потребна за да се спасат некои од овие посеви, и луѓето кои ги одгледуваат. ГМО храната наместо тоа треба да биде судена на индивидуална база. 'Раундап реди' сојата, варијанта на соја произведена од Монсанто, не е иста работа како и отпорната на болести папаја, што ја спаси и оживеа мултимилионската папаја индустрија на Хаваи.

Нашиот земјоделски систем е далеку од совршен, и работи како пестициди и коров отпорен на хербициди се реален проблем. Нашиот систем за храна треба да биде испитуван во секоја ситуација. Меѓутоа она што овој документарец и последователната дебата покажуваат е дека дали нешто е ГМО не кажува ништо околу здравствениот ризик, влијанието на околината, или одговорноста на корпорациите кои се или не се зад него. Критиката на Полан и Нестле за филмот поставува прашања за валидни проблеми на системот за храна, меѓутоа отфрлањето на документарецот како пропаганда на индустријата е уште еден начин да се опседнуваш со трите застрашувачки букви," пишува Џени Сплитер во Аутлајн.

 

12 јули 2017 - 11:37