„Корона не е вирус, туку аватар кој е заштитник на кутрите суштества (животните). Тие се дојдени за да ја испорачаат својата порака на смрт и казна за оние што нив ги јадат,“ изјавил претседателот на политичката партија Хинду Масаба, Свами Чакрапани.
Откако вака разумно ги поставил работите, Чакрапани понудил и идентично разумно решение за епидемијата од која до сега умреа над 2.000 лица. Според него кинескиот премиер треба да „создаде идол на Корона и да побара прошка“ а целата не-вегетаријанска кинеска популација „да вети дека во иднина нема да повредува кои било невини суштества, по што гневот на Корона ќе се стиши“.
Освен ова тој ги уверува Индијците, верници, да немаат гајле од епидемијата бидејќи тие се имуни на коронавирусот.
Не дека ова е прв ваков излет на Чакрапани, и не дека нешто посебно е наострен на страдање на Кинези. За време на поплавите во индиската сојузна држава Керала во 2018, тој јавно одби да им даде хуманитарна помош на луѓето што јадат говедско, а поплавите ги објасни како последица на убивање крави. Во поплавите загинаа над 480 лица.