Во една таква студија спроведена на Универзитетот МекМастер во Онтарио, 86 хетеросексуални жени биле поделени на парови, со друга позната жена или со непозната, и им било кажано дека ќе учествуваат во студија во врска со женските пријателства. Според сценариото, набргу им упаднала трета жена - на половината парови слаба, русокоса, привлечна жена со коса во пунџа, облечена во обична маица и пантолани, која истражувачите ја нарекле „конзервативен соучесник". Другата половина се соочила со „секси соучесник", истата жена, но овој пат со блуза со длабоко деколте, кратко црно здолниште, чизми и пуштена коса.
Трејси Вејлакурт, професорка по психологија на Универзитетот во Отава, и докторантката Аншал Шарма, потоа ги проценувале женските реакции согласно една метрички релевантна алатка - таканаречена скала на пакосништво. Таа вклучувала говор на телото (превртување со очи во случајот со згодната), но и вербални изјави од типот „Што си се облекла вака, да не мислиш да имаш секс со професорот?".
Она што се очекува и без лабораториско истражување е сознанието дека жените биле далеку поагресивни кон позгодната верзија на „натрапникот", и дека тоа го изразувале поотворено кога биле во пар со познанички отколку со непознати.
Едноставно, за да бидеш изложен на пакост од други жени доволно е да им изгледаш промискуитетно и привлечно.
Клиничкиот термин за оваа појава е „индиректна агресија", однесување за кое ти е незгодно да те фатат, но не можеш да издржиш да не го правиш. За разлика од директната агресија, за оваа често се наоѓа некакво оправдување, како „само се шегував", „погрешно си ме сфатила" итн., во случај ако некој замери.
Со оглед на контекстот во којшто е правено истражувањето, универзитет, каде (барем во Канада) е необично некој да доаѓа облечен ко за во ноќен клуб, Валанкурт направила уште еден експеримент, во кој на учесниците им покажала една од три фотографии на кои ја имало конзервативната верзија на жената, секси верзијата и дигитално манипулирана верзија, во која секси жената е здебелена. Ги поделила во групи и ги прашала дали би сакале жената на фотографијата да им биде пријателка, да ја запознаат со дечковците или да ја остават на само со нив.
Учесничките главно одговарале со „не" на сите три прашања, како за пополната, така и за слабата секси жена. Сепак, три пати повеќе се согласиле да ја запознаат конзервативно облечената со дечковците, отколку нејзината секси верзија. Притоа килажата немала никаква улога.
Опишаната студија е прва која се занимава со женската пакост кон други жени во експериментален контекст. Но постојат и претходни студии на истата тема, чии резултати треба да се земат предвид и при толкување и на оваа. Во 1990-тите психологот Дејвид Бус дошол до заклучок дека жените многу повеќе од мажите имаат тенденција да ги ругаат и навредуваат припадниците на истиот пол. Причина: тие ги доживуваат „послободните" жени како ривалки, но и како подривачи на поредок во којшто долгорочната приврзаност на мажот е важна.
Не дека и мажите не им го прават тоа на други мажи, но тие ги дерогираат нивните ривали во однос на нешта кои им се важни на жените (ресурси и статус), а жените ги понижуваат другите жени во врска со нешта кои им се важни на мажите (физичка привлечност и верност).Ова е толку длабоко вграден рефлекс што ниту еден од истражувачите не е оптимист дека тука нешто може да се смени, барем не без голем напор и самоконтрола.
* За слично истражување на „курвоклетството" или слат шејминг-от, во статијата "Не постои такво нешто како дроља"