Што навистина е банана република?

Земја во која цвета корупцијата и во која единственото што функционира е полицискиот терор, обично се нарекува „банана република“. Изразот всушност има длабоки политички и историски корени и директна врска со плантажите на банани, но и со историја на воени интервенции заради заштита на профитите на американски компании за овошје.

Терминот „банана република“ прв го употребил американскиот писател О. Хенри (вистинското име му е Вилијам Сидни Портер), кој избегал во Хондурас во 1896 година откако бил обвинет за банкарска проневера во Тексас. Во крајбрежниот град Трухиљо тој забележал дека американската компанија „Јунајтед Фрут Компани“ контролира сè: и железницата и пристаништето и имала огромно политичко влијание.

Ова го инспирирало неговиот роман „Зелка и кралеви“ (1904) во кој пишувал за измислената република Анчурија - „мала, поморска банана република“, чија влада била потчинета на интересите на моќна странска корпорација.

Оттогаш, американските научници, новинари, политичари и писатели често го користат терминот како синоним за корумпирана, пропадната држава, вели Карлос Дада, уредник на салвадорскиот портал „Ел Фаро“.

Дада објаснува дека оригиналните „банана републики“ биле четирите земји од Централна Америка - Хондурас, Гватемала, Никарагва и Костарика, во кои американските компании Јунајтед Фрут Компани и Стандард Фрут (сега Чикита и Дол) имале огромни плантажи и подеднакво брутално го контролирале политичкиот пејзаж. Со поддршка на Вашингтон, овие компании биле доволно моќни за да инсталираат лојални влади или да соборат лидери што им се спротивставувале.

Таков е примерот на демократски избраниот претседател на Гватемала, Хакобо Арбенц Гузман, кој се обидел да спроведе аграрна реформа што би ги загрозила интересите на Јунајтед Фрут. Во 1954 година Гузман бил соборен во државен удар спонзориран од ЦИА, за да се заштити профитот на американската компанија. Бруталниот режим на неговиот наследник - полковникот Карлос Кастиљо Армас, беше одговорен за злосторства против цивили.

Банана републиките се одговорни и за масакри, како оној во 1928 година во Колумбија. Армијата отвори оган врз работниците на плантажите на Јунајтед Фрут кои барале повисоки плати и подобри услови за работа. Меѓу загинатите имало жени и деца. Габриел Гарсија Маркез го опиша тој настан во романот „Сто години самотија“.

Денес, терминот се применува и за земји што немаат историја на корпоративна експлоатација.

Ако се однесува на наводна „вродена“ карактеристика на еден народ, тогаш е расистички и навредлив. Ако означува историски односи што ја поткопале државната независност, тогаш е корисен, објаснува американската историчарка Авива Чомски.

Таа додава дека оваа разлика е важна, поради тенденцијата да се прикажат сиромаштијата, насилството и корупцијата како нешто што отсекогаш постоело и ќе постои во Централна Америка.

Според неа, и САД природно се банана република бидејќи експлоатацијата на работниците на плантажите е „фундаментален дел од американската историја, исто како што е дел од историјата на Хондурас“.

Огромната американска потрошувачка е резултат на колонизацијата на сè - од земјата до атмосферата. Со други зборови: бананите, или колонијалната експлоатација, ги направија САД она што се денес, вели Чомски.

10 февруари 2026 - 16:33