Македонскиот тегет на ЗОИ 2026

Монголија има мала, тричлена репрезентација на Зимските олимписки игри 2026. Македонија исто така во Италија испрати мала, четиричлена спортска делегација (плус редовните функционерски гагаџии). Ни од едните ни од другите се очекуваат некои јаки резултати или медали. Па сепак, Монголија по нешто ќе ја паметат а Македонија не баш. Шо така? 

Олимпискиот тим на Монголија ѝ се претстави на светската публика со нивните впечатливи и промислени одори инспирирани од Монголската империја од 13-от и 15-от век.

Концептот бил на домашна дизајнерска компанија (Goyol Cashmere) со седиште во Улан Батор. 

„Наместо само да ги спојува традиционалните облеки со модерниот дизајн, оваа колекција има за цел повторно да ја воведе древната монголска култура на облекување - неразделен дел од нашата голема историја и културно наследство - во современиот свет и да ја сподели на глобалната сцена“, соопшти компанијата.

И не можат да не ти фатат око.

**********

А нашите? Што нашите? 

Се проценува дека церемонијата на отворањето на Игрите ја следеле преку 500 милиони луѓе во светот. Како махерски ја искористивме таа прилика и публика да покажеме дека не сме народ без корен (и јакна без штеп), нели?

А можда ќе можеме на туристи да им увалуваме тегет јакни и црни панталони како македонски традиционални носии?

10 февруари 2026 - 13:11