Почнаа со волк, ќе дотераат до Џурасик парк

Биотехнолозите што го вратија во живот изумрениот страшен волк (иако е оспорено дека е баш истиот) најавија дека ќе ја оживеат и новозеландската птица моа. Технологијата е малку поразлична, зашто гигантската птица се испилува од јајце. Коски и пари обезбедија од Питер Џексон. На ред чекаат мамутот и додото, но ќе дојде време некој да плати да воскреснат тираносаурус.

Биотехнолошката компанија Colossal Biosciences, позната по напорите за оживување на волнените мамути и птицата додо, сега се фокусира на оживување на џиновската птица моа на Нов Зеланд, што разгоре научни и етички дебати за враќање животни „од мртвите“.

До пред шест века, Нов Зеланд бил дом на девет видови моа - гигантска птица што не лета слична на ној, само многу поголема. Некои биле повисоки од 3,5 метри (нојот е 2,75) и биле тешки 230 килограми. Моите го населувале Нов Зеланд околу 4.000 години пред да изумрат од лов набрзо по населувањето на полинезискиот народ на островите.

Colossal Biosciences се обврза дека ќе ги воскресне сите девет видови моа, со цел да ги врати во дивината. За проектот обезбедила финансирање од 15 милиони долари од славниот режисер Питер Џексон, кој фасциниран од изумрената новозеландска авифауна, поседува една од најголемите приватни колекции на коски од моа.

Компанијата е охрабрена од оживувањето на исчезнатиот страшен волк, чии три младенчиња – Ромул, Рем и Калиси, ги претстави пред некој месец. Научници го оспорија успехот на Colossal со волците, објаснувајќи дека тие се само генетски модифицирани хибриди на сив волк.

Моите ќе бидат рекреирани со користење на истата техника: со менување на геномот на нивните најблиски живи роднини. Ќе послужат гените на тинамусите од Централна и Јужна Америка или австралискиот ему. Се надеваат дека ќе ги завршат првите геноми до летото 2026 година.

Ембрионите на птиците се развиваат во јајца, па затоа трансферот на ембриони на сурогат ќе се разликува значително од ин витро оплодувањето кај цицачите, изјави водечкиот научник на Colossal, Бет Шапиро.

Позитивна страна е што моата не е изумрена илјадници години како страшниот волк, така што нејзиниот природен екосистем не еволуирал далеку.

Многу научници за заштита на природата се скептични за враќањето на изгубените животни и предупредуваат дека тоа само ги пренасочува виталните ресурси од напорите за заштита на загрозените видови. Критичарите тврдат дека создавање животно кое личи на изумрено не е исто што и вистинско враќање на видот, бидејќи сложените однесувања и еколошките улоги на оригиналните животни се непознати и не можат да се гарантираат само преку генетска модификација.

******
Види и: Го вратија од Ледено доба: Страшниот волк повторно завива

13 јули 2025 - 10:56