Уште од 1960-те научниците сметаат дека една од причините зошто жените живеат и по неколку децении подолго од мажите е за да ги зголемат шансите за преживување на своите внуци и внуки, преку физичката поддршка што ја нудат. Исто така од неодамна се знае дека добробитта и едукативниот успех на децата се подобрени од присуството на баби и дедовци кои се ангажирани околу нив.
Ова дополнително решаваат да го истражат научниците од Емори Универзитетот во Атланта, и ангажираат 50 жени со најмалку еден биолошки внук или внука на возраст од 3 до 12 години. Во истражувањето мозокот на жените постојано е скениран со магнетна резонанса.
„Тоа што навистина отскокнуваше беа деловите на мозокот поврзани со емоционална емпатија. Тоа покажува дека бабите се опремени да го чувствуваат тоа што го чувствуваат нивните внуки и внуци кога имаат интеракција со нив. Ако нивното дете се смее, тие ја чувствуваат радоста на детето. А ако детето плаче, тие ја чувствуваат болката и вознемиреноста на детето,“ објаснува професорот Џејмс Рилинг кој го предводи истражувањето.
За разлика од ова, кога бабите гледале слики од сопствените возрасни деца ним им се активирал делот од мозокот поврзан со когнитивна емпатија.
„Емоционална емпатија е кога го чувствуваш тоа што некој друг го чувствува, меѓутоа когнитивна емпатија е кога на когнитивно ниво разбираш како некој се чувствува и зошто,“ ја појаснува Рилинг разликата меѓу двете чувства.
Дел од ова се должи и на тоа што малите деца имаат еволуирано вештина да манипулираат не само со мајчиниот мозок, туку и со мозокот на бабата, а возрасните деца едноста го немаат истиот фактор на „слаткост“ па не предизвикуваат ист емотивен одговор.