Родителите грешат кога нервозно дете сакаат да смират со патронизирачки мек глас кој повикува на разумност, вели американскиот "шаман за деца", доктор Харви Карп, на кого своите најмали му ги доверуваат познати ликови како Мадона или Лери Дејвид. Според него, пораката од таквото смирување децата ја преведуваат како "Биди мирен, не покажувај што чувствуваш, чувај си го тоа во себе."
Карп тврди дека најдобар начин за воспоставување вистинска комуникација со децата е да ги третирате како мали горила или деца од пештера. "Тие живеат во емотивна џунгла. Кога џунглата ќе ги вознемири, родителот треба да се спушти во истата џунгла и полека да ги однесе во цивилизацијата," вели американскиот педијатар кој продава книги во 500.000 примероци.
Признава дека на родителот ќе му треба храброст да навикне на чудните погледи на околината кога на своето нервозно дете ќе му враќа со исто такво мајмунисување.
Еден друг негов совет вели дека родителот треба да го повторува она што детето му го кажува, исто како келнер кој ја потврдува нарачката која ја слушнал од гостинот. На тој начин, малото најдобро ќе сфати дека разбирате што чувствува.
Тој смета дека постојат фило-онтогенетски сличности меѓу развојот на човекот и човештвото.
На 18 месечна возраст се како човекот пред 2 милиона години, кога ги правел првите чекани - затоа обожаваат да кршат играпки и предмети. На 2 години стануваат вешти со зборови, како пред 150.000 години. Тригодишните деца се во фазата од пред 50.000 години, кога започнува пештерската уметност а на 4 години се во библијско време, можат да научат да пишуваат и како трговци да се ценкаат со родителите.