Ќе го замениме ли денот за ноќ поради топлото?

Александар Пушкин го опишуваше распуштениот живот на младиот Онегин во Санкт Петербург, човек кој речиси го заменил денот со ноќ а ноќта со ден. Ноќта била резервирана за балови, театри и задоволства, а денот бил време за спиење. Два века подоцна, можеби и ние ќе треба така, не поради луксузот на ноќниот живот, туку поради луксузот од неколку степени помалку.

Топлинските бранови со дневни температури од околу 40 °C и топли ноќи што траат со недели веќе не изненадуваат никого. Не е изненадувачки што во такви периоди дури и повеќето здрави луѓе се чувствуваат лошо, уморно и исцрпено. 

Во Канада, во малото гратче Нелсон во Британска Колумбија, во јуни 2021 година, доктор д-р Кајл Мерит хоспитализирал 70-годишна жена која страдала од дијабетес и срцева слабост, живеела скромно во приколка без климатизација и имала тешкотии да одржува соодветна хидратација. Тогаш тој за првпат ги навел климатските промени како причини за проблеми со здравјето.

Советот да не се излегува помеѓу 10 и 17 часот и да се пие доволно вода е корисен, но, одете кажете им го тоа на дечките што шпартаат за Волт или на децата кои одат или се враќаат од школо околу 13 часот.

Не може да се очекува секој поединец да се снајде сам за себе. И врелите градови треба да се прилагодуваат, со инфраструктура и организација на животот. На долг рок, ова значи повеќе дрвја и зелени површини, помалку површини што акумулираат топлина и поинаков дизајн на градовите. На краток рок, тоа значи повеќе сенка и јавно достапни разладени простории.

Но можеби и тоа не ќе е доволно. Можеби ќе мора градот да го смени и својот ритам. Концептот за ноќно прилагодување тргнува од едноставниот факт дека за време на екстремна топлина нема смисла да се инсистира поголемиот дел од активностите да се извршуваат во најжешкиот дел од денот.

Во топлински најнеподносливите месеци, училиштата, продавниците, клиниките, банките, спортските и културните објекти би можеле да префрлат дел од своето работно време во раните утрински и вечерните часови.

Шпанците одамна го знаат принципот на сиеста, Хрватите имаат фјака, Грците месимерианос ипнос, ние попладневна дремка. Да се стави човек во лер, да се стиша градот.

Tаквата промена не би била едноставна. Циркадијалниот (биолошки) ритам на еден човек не е административен распоред што можеме произволно да го поместуваме. Временското дислоцирање на работата, училиштето и животот кон ноќта би отворило нови прашања за спиењето, здравјето, семејниот живот, организацијата на градовите, трудовото законодавство. 

Не би било лесно. Ама па и вака не оди.

************

Види и:

Администрација: Карпошова дремка тече в наште жили

Во Њујорк отворена дремална

Налет ваков живот

31 август 2026 - 14:19