Од апчиња против болки имаат скинато куп познати луѓе како Елвис Присли, Брус Ли, Крис Пен, Ен Никол Смит... а Оксиконтин веројатно е една од најзлоупотребуваните легални дроги во Холивуд на чија листа на отстрел се најдоа еден Хит Леџер или Крис Корнел, а на листата на чекање се, или биле, Кортни Лав, Винона Рајдер, Стивен Тајлер, Раш Лимбо и многу други.
Оксиконтин е убедливо најголемиот бестселер на компанијата Пердју која многу умешно и систематски ја има развиено епидемијата на зависност. На времето имаат најмено компанија која им дознала кои доктори најмногу препишуваат лекарства против болки. Нивната мрежа на обучени продавачи прво нив ги имаат таргетирано. Со - подароци. Од носење на викенди, вечери во отмени ресторани, подарување пијалоци, храна, па и банални нотеси и пенкалца. Знаеле на лекари да им носат носат печени мисирки пред Боќиќ или пак цели накитени елки. Попретпазливите лекари ги начекувале на бензиска па галантно ќе им го наполнеле резервоарот.
Продавачите на Пердју биле особено ефикасни бидејќи бонусите директно им зависеле од тоа колку милиграми Оксиконтин некој лекар има препишано.
Дури и кога почнало да се регулира прашањето на подароците и кога бил донесен кодекс што може а што не а прими лекар, дупките останале бидејќи невозможно е во еден кодекс поименично да се наведат сите можни ставки за нечие одоброволување.
На социјалната психологија одамна им е познат тој феномен на реципроцитет кој човек го чувствува кога ќе добие некој подарок. Па несвесно му доаѓа и тој да возврати на потегот кој го израдувал. Тоа уште во 70-тите години го има проучувано професорот од Аризона, Робер Кјалдини, кој во истражувачки цели се вработувал како продавач во телемаркетинг фирми, плацеви за продажба на половни коли и слични места за да види на терен како делуваат разните техники на продавачите. Неговиот труд резултира со делото „Влијание: Моќта на убедувањето“ кое и денес се смета за задолжителна лектира на оваа тема. Неговото искуство и научен увид се сведува на шест клучни принципи; еден од нив е реципроцитетот.
Има и други истражувања кои покажуваат дека подароците за клиентите имаат фасцинантен ефект. Во еден експеримент, економистот Армин Франк има пратено 10.000 писма до потенцијални донатори за хуманитарна кауза. Една третина добиле само писмо, една третина добиле писмо и шарена разгледница, наводно нацртана од самите деца на кои се однесува акцијата („децата од Дака“) а последната третина добиле писмо и четири такви разгледници. Разгледниците и не се некој подарок и нивната цена е безначајна, но тие воделе кон драматично поголема респонсивност. Оние со една разгледница возвратиле 17% повеќе од оние кои добиле само писмо а пак кај оние со 4 разгледници, фитбекот бил дури за 75% поголем. Во пари, разгледниците ја вратиле инвестицијата со 1.000 проценти ќар.