Компанијата на Маск, Спејсикс, планира уште во 2018 година да однесе беспилотно летало на Марс. Беспилотните летови би продолжиле на секои две години, темпирани во време кога орбитите на Земјата и на Марс се најблиски, а ако сè оди според планот, првата човечка мисија на Марс би почнала во 2025 година, вели Маск.
Но во интервју за Вашингтон пост неделава, Маск првпат даде дополнителни детали, споредувајќи го духот на овие мисии со населувањето на Новиот свет од колонистите што го преминале Атлантски Океан пред многу векови. Тој признава и дека е многу тешко да се стигне до планета што е, во просек, 225 милиони километри оддалечена од Земјата.
Повеќемесечното патување сигурно ќе биде „напорно, ризично, опасно, тешко", вели Маск, но тој е убеден дека луѓето ќе се пријавуваат да одат, бидејќи „исто како и при формирањето на англиските колонии, има луѓе што го сакаат тоа. Тие сакаат да бидат пионери."
Маск вели дека сепак, пред тие пионери да се качат во ракета, беспилотните летала ќе носат научни експерименти и ровери на планетата. Опремата ќе биде изградена или од Спејсикс, или од некој друг. Првите летови, исто така, ќе послужат за подобро да се разбере меѓупланетарна навигација и да ѝ се овозможи на компанијата да ја тестира сопствената способност безбедно да спушти летало на Марс.
„Во суштина сакаме да кажеме дека создаваме товарна рута кон Марс", рече тој. „Тоа е редовна товарна рута. Може да сметате на неа. Тоа ќе се случува на секои 26 месеци. Како воз што ја напушта станицата. И ако научниците низ целиот свет знаат дека може да сметаат на неа, и ако таа не е скапа, условно кажано споредено со сè досега, тогаш тие така и ќе си планираат и ќе направат многу големи експерименти."
Мисијата е уште поавантуристичка со оглед на тоа што Спејсекс е приватна компанија, без ресурсите што ги има една владина агенција. НАСА претходно соопшти дека ќе обезбеди „техничка поддршка" за мисијата во 2018, но не финансиска, во замена за „скапоцените податоци за спуштањето и приземјувањето од нашето патување до Марс што ќе ѝ ги даваме на НАСА, помагајќи ја американската индустрија". НАСА планира да оствари своја сопствена мисија со екипаж на Марс во 2030-тите. Но некои луѓе во Конгресот посочија дека повеќе би сакале агенцијата прво да оствари мисија на месечината.
Патувањето на Спејсикс во 2018 ќе го биде извршено со леталото Драгон на компанијата, кое ќе биде исфрлено во вселената од Фалкон хеви, голема ракета напојувана со првостепени мотори. Кога ќе полета првпат, кон крајот на оваа година, таа ќе стане „најмоќна функционална ракета во светот со фактор од два", вели Спејсекс на својата веб-страница. Фалкон хеви ќе има потисок од над 2 милиони килограми при полетувањето, што е еквивалентно на 18.747 авиони.
Ракетата мора да биде голема. Вселенското летало Драгон ќе стане најголемиот објект што слетал на површината на Марс „со фактор од 10", рече Маск. Тоа ќе биде едно од најамбициозните слетувања на Марс што некогаш биле пробани - и од најтешките. Од 43 роботски мисии на Марс, вклучувајќи ги и прелетувањата, кои се обиделе да ги извршат четири различни земји, само 18 биле целосен успех. Во најновата мисија на НАСА беше однесен роверот Кјуриосити, кој во моментов „шета" на планетата.
Некои истакнуваат дека временската рамка на Маск е премногу амбициозна, особено со оглед на тоа што Спејсекс допрва треба да го лансира Фалкон хеви или да го слета Драгон со помош на потисокот на неговиот сопствен мотор, што е клучна компонента на слетувањето во релативно ретката атмосфера на Марс.
До следната прилика за лансирање, во 2020 година, Маск изјави дека компанијата ќе се стреми да пушти најмалку две ракети Фалкон хеви и вселенско летало Драгон, натоварени со експерименти.
„Дотогаш веќе ќе има неколку организации... заинтересирани за водење експерименти на Марс", рече тој.
Потоа, во 2022 година, Маск вели дека се надева дека ќе го лансира она што компанијата сега понекогаш го нарекува „Марс колонијал транспортер", создаден да однесе една колонија на Марс.
Маск одби да даде премногу детали, велејќи дека ќе го открие системот на конференцијтаа во септември. Но тој беше видно возбуден околу изгледите и едвај успеваше да се воздржи.
„Ова ќе биде феноменално", рече тој. „Феноменално. Ќе биде навистина голема работа. Во големо искушение сум да зборувам повеќе за деталите. Но морам да се воздржам."
Сепак, тој рече дека „првата мисија нема да содржи голем број луѓе, бидејќи ако нешто тргне наопаку, сакаме да ризикуваме најмал број животи што е можно".
И тој призна дека компанијата ќе мора да „има голема среќа и работите да одат според планот" за да се искористи приликата за лансирање вселенски лет кон крајот на 2024 година, со слетување во 2025 година.
„Но би сакал да истакнам дека нашата цел не е испраќање неколку луѓе на Марс", додава тој „Целта е да се има архитектура што ќе овозможи создавање самоодржлив град на Марс со можност да станеме повеќепланетарен вид и вистинска цивилизација со капацитет да патува низ вселената и што еден ден ќе биде таму меѓу ѕвездите."
Тој рече дека сè уште не знае кој ќе биде меѓу првите што ќе отидат, или како тие ќе бидат избрани. Но вели дека тие ќе бидат пионери спремни да го преземат ризикот. „Се надевам дека има доволно луѓе што се такви, што се спремни да отидат да ги удрат темелите на еден град на Марс, на свој голем ризик.
„Тоа е опасно и веројатно некои луѓе ќе умрат, и тие ќе го знаат тоа", продолжува тој. „И тогаш тие ќе го поплочат патот, и ќе дојде време кога ќе биде многу безбедно да се оди на Марс, и ќе биде мошне удобно. Но тоа ќе се случи многу многу години од сега."