
По долго колебање, Унгарија прифати да учествува во плановите на Европа да крене ѕид што би ја штител од евентуална руска воздушна агресија.
Ѕид од беспилотни летала за заштита од упади од небото е „непосреден приоритет и клучен елемент на одбраната на источниот дел од блокот, изјави еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус по состанокот со министрите од 10 членки, претежно од централна и источна Европа, плус Украина.
Учесниците на состанокот ја истакнале потребата од ѕидот со капацитети за рано откривање, следење и пресретнување дронови, како и мерки за засилување на копнената и поморска безбедност.
Повод за итниот состанок беа низата дронови што ги надлетуваа аеродромите во Данска и во Норвешка. Не претставуваа директна закана, но го запреа сообраќајот. Данска се воздржа да посочи кој ги управувал и не ги собори за да избегне ризик од поголема штета.
Ако користите ракети од борбен авион за да соборите дрон, тогаш пукате ракета од 1 милион долари за да уништите летало што чини 10.000, објасни еврокомесарот Кубилиус.
Но, проблем е да се обезбеди цврста поддршка од Унгарија. Непредвидливото однесување на премиерот Виктор Орбан, најблискиот европски пријател на рускиот претседател Владимир Путин, би можело во ѕидот од Егејско Море па до Арктикот да отвори дупка.
Непосредно пред состанокот на министрите од ЕУ, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека унгарски беспилотни летала го нарушиле воздушниот простор на Украина и според првичните проценки „вршеле извидување на индустрискиот потенцијал на граничните области“.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, ги отфрли забелешките: „Претседателот Зеленски го губи разумот поради неговата антиунгарска опсесија. Сега почнува да гледа работи што ги нема“.
Почнуваме да гледаме многу работи, Петер, вклучувајќи ја лицемерието и моралната деградација на вашата влада, отворената и тајната работа против Украина и остатокот од Европа, служејќи како слуга на Кремљ, возврати шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха.
Одбранбен експерт предупредува за Телеграф дека ѕидот од беспилотни летала би можел да се претвори во модерна „Мажино линија“, особено ако не е поткрепен со многу построги мерки против Русија, како што е подготвеноста за соборување беспилотни летала уште пред да влезат во воздушниот простор на НАТО и ЕУ.
Озлогласената Мажино линија - огромен бедем од француски бункери, митралески гнезда, мински полиња и гарнизони по должината на границите на Франција со Германија, Швајцарија, Италија, Луксембург и Белгија - требаше да гарантира заштита од германска инвазија. Но, кога трупите на Хитлер го почнаа својот напад врз Франција во 1940 година, тие едноставно ја заобиколија линијата Мажино и нападнаа преку Арденската шума и Белгија. Сега е познато како метафора за одбранбени системи што изгледаат импресивно, но имаат фундаментални недостатоци.
Предложениот ѕид од дронови на ЕУ може да биде дополнителна компонента на европската воздушна одбрана, но не е замена за сеопфатна стратегија за спротивставување на заканата од Русија. Трошењето милијарди долари на ѕид од дронови, ако воедно не се обезбеди доволна поддршка за Украина или ако не се нанесе максимална штета на економската воена машина на Русија, би било декларација за стратешко предавање, изјави Џесика Берлин, виш соработник во Центарот за анализа на европски политики.