
Мајкрософт објави дека израелската елитна разузнавачка служба „Единица 8200“ ги прекршила условите за користење, бидејќи претерала со количината на податоци што ја снима на клауд-платформата Азур.
Соработката почнала во 2021 година по состанокот на директорот на Мајкрософт, Сатја Надела, со тогашниот командант на Единицата 8200, Јоси Сариел. Опремена со речиси неограничен капацитет за складирање и компјутерската моќ, Единицата 8200 изградила систем за неселективно собирање, складирање, репродуцирање и анализа на содржина на мобилните повици на целото палестинско население.
Собраните пораки биле анализирани со софтвер управуван со вештачка интелигенција заради побрз пристап до информации со разузнавачка вредност. Амбицијата на разузнавачите била да снимаат милион повици на час. Дури 8.000 терабајти податоци од ова снимање биле чувани во центар за податоци на Мајкрософт во Холандија.
Првичниот фокус на системот бил надзор на Западниот Брег, каде што околу 3 милиони Палестинци живеат под израелска воена окупација. Но, откако почна војната во Газа, платформата била користена и како подготовка на бомбардирања и ракетни напади.
Извори на Гардијан тврдат дека вонредната одлука на Мајкрософт е донесена под притисок од вработените и инвеститорите, кои се против соработка со израелската војска. Вториот човек на Мајкрософт, Бред Смит, вчера ги информирал вработените дека компанијата прекинала и оневозможила пакет услуги за израелските сили, вклучувајќи складирање податоци и користење софтвер со вештачка интелигенција.
Ние не обезбедуваме технологија за да олесниме масовен надзор на цивили. Го применуваме овој принцип во секоја земја низ светот и постојано инсистираме на тоа повеќе од две децении, забележал Смит во пораката.
Одлуката нема да влијае врз пошироките комерцијални односи на Мајкрософт со Израелските одбранбени сили, кои им се долгогодишен клиент.
******
Види и: Израелски ВИ го следи секој палестински збор и издвојува закани
Израел и тоа како знаел дека Хамас ќе нападне