Во стилот на заповедта "Не спомнувај го името Господово залудно", богот на интернет пребарувањето бара од нас да не го користиме како глагол за пребарување по интернет, освен ако не го користиме исклучиво него.
Пред некое време, шведскиот јазичен совет сакаше во официјалниот речник да го внесе и зборот "негуглив", за "нешто што не може да се најде на интернет преку пребарувач".
Цаката е во – пребарувач.
Гугл се побуни барајќи да се измени дефиницијата и да се нагласи дека терминот се однесува на нешто што не може да се најде преку него, а не преку кој било интернет пребарувач.
Што му е проблемот на Гугл, кога фино и моќно звучи да си синоним за сите нет пребарувања?
Проблемот е во трејд маркот.
Кога стануваш генеричен трејд марк (што му се случува на Гугл), многу потешко се бијат битките со оние кои ти го злоупотребуваат. Затоа на Гугл му е поважно да ја зачува целината на правата која ги носи еден трејдмарк отколку да биде синоним или генеричен поим за пребарување.
Наместо да се ценка околу дефиницијата, шведскиот совет реши дека е полесно сосема да се откаже од намерата да го вклучи во речник спорниот збор.