Никогаш повеќе не се гледале документарци за природатa отколку сега. Главниот фактор е седењето дома односно пандемиските услови на живот, а како дополнителна околност која го објаснува овој феномен во контескт на САД се набројува и легализацијата на марихуаната во таа држава бидејќи документарец за природа, за пушење трава е како мезе за ракија.
Стонирани или присебни, такви документарци сè почесто гледаме. Особено оние најновите и технички/продукциски најамбициозните, какви што се двата дела на „Планета Земја“ на Би Би СИ (третиот дел е најавен за 2022), или пак најновата „Перфектна планета“ (со гласот на Атенбороу) за кои со право се вели дека сe најблиску до она како што Господ би ја набљудувал планетава (со порно речник: POV Бог).
Во последните три години, преку една милијарда луѓе ги имаат гледано Planet Earth II и Blue Planet II“, гордо сооштуваат од департментот за природна историја на BBC.
Тие неодамна отворија канцеларии и во ЛА за да бетонираат лукративни договори за новите продолжетоци. Во моментов, само таа секција на британскиот бродкастер работи на околу 20 документарни проекти.
Мал проблем е што слика за природата која ја гледаме во документарците е троа лажна. Совршените кадри од моќните објективи ни даваат чувство за близина до природата, сосема заборавајќи дека тоа во реалноста е просто незамисливо. Да слушаш како пафтаат крилјата на орелот кој лета на неколку стотици метри од нас? Да слушаш како лавот мљацка газела додека го снимале е од пола километар (ок, има луѓе кои можат да се слушнат и од таква оддалеченост)? Професори по визуелни уметности потсетуваат дека главната „манипулација“ со чувствата ја прави оркестрираната музика. Дали некоја сцена ќе ни биде весела или тажна, првенствено зависи во кој „виолински клуч“ ќе биде компонирана музиката од таа сцена.
Тоа практично е нов свет. Внимателно селектирајќи ги само најефектните кадри кои ќе бидат вклопени во соодветна музичка обланда, додавајќи специјални ефекти, забавени снимки, тајм-лапсови и друго, се создава еден гламурозен свет кој малку има врска со реалноста.
Конзументите на високо исполираните природни документарци можеби ќе имаат проблем да се конектираат и да го ценат вистинскиот свет. Тој навистина е место за секакви чуда и убавини, но во него има и калишта, комарци, ѕивра ладно и изгор жешко.
Башка, лавот во реалноста се убива од спиење и човек треба да се изначека ако сака да види сцена од „акција“.
Ама па, вреди.
.