„Ако еден предмет во кантата со материјали за рециклирање е замастен, покриен со храна, или кај хартија ако е мокра, тогаш обично целата канта се одбива и се испраќа на депонија или се пали,“ објаснуваат од водичот за „одржлив животен стил“ Green that life.
Од таму наведуваат неколку правила за рециклирање што речиси воопшто не и се познати на јавноста. На пример, не можеш да рециклираш измрсена кутија од пица; рециклирањето пластични капачиња не е секаде исто регулирано, исто и кутии од житарки. Односно самото тоа што нешто е пластика или хартија, не значи дека истото може да се рециклира. Тоа што некој предмет ќе го ставиш во канта за рециклирање не е гаранција дека истото ќе биде обработено, туку најверојатно ќе заврши на депонија.
Состојбата со рециклирањето само се влошува откако Кина во 2018 одлучи да не купува странско ѓубре, со што речиси и да пропаднаа бизнис плановите на центри за рециклирање низ светот кои до тогаш главно го пакуваа ѓубрето што може да се рециклира и го испраќаа во Кина. Според Њујорк тајмс извозот на пластичен отпад во Кина кој во 2015 донел 300 милиони долари, во првиот квартал на 2018 паднал на само 7,6 милиони долари.
Заради пресвртот приреден од Кина, балите отпад за рециклирање кои чекаа на бродски превоз сега само се префрлија на депониите, каде и би завршиле кога никој не би ги делел по канти.
Моменталните статистики се дека само 9% од целата пластика се рециклира, а над 90% се фрла во депониите, се пали или е расфрлана низ природата каде ќе остане со векови.
Иако не може да поправите најголем дел од ова, апелот е барем да престанете со користење пластики за една употреба (пластични чинии, вилушки, чаши, цевки...).