"Не можеше да направиш нешто како Пек-мен?", го прашал Стивен Спилберг креаторот на играта, очигледно неимпресиониран од она што го видел.
А видел игра за која самиот го одобрил нејзиниот креатор, тогаш 24 годишниот Хауард Варшоу, кој бил сметан за програмерски генијалец со тапија.
Годината е 1982, месецoт август, Атари веќе платиле 21 милион долари за правата да создадат игра на тема на новиот филм на Спилберг.
Игрите за Атари беа правени на кертриџи за кои беа потребни недели да се изработат.
"ЦЕО-то кажа, ни треба оваа игра во продавниците на 1-ви септември. А тоа значеше дека имам само 5 недели. Обично, програмирањето игра трае меѓу 6 и 8 месеци," се сеќава денес Варшоу.
Бил единствениот програмер кој работел на проектот. Откако сфатил дека мора некогаш да оди дома да спие, му поставиле работна единица и таму, за да не се губи време. Добил и менаџер кој бил задолжен тој да се храни редовно, за да може да го издржи темпото.
Во тоа време на Атари ужасно му треба голем хит бидејќи почнува да губи здив од Комодоре 64 кој знае и нешто повеќе отколку само да пуштa игри.
Играта била готова на време и на почетокот сè изгледало пасент. Атари нарачал 4 милиони копии и ја покренал дотогаш најскапата рекламна кампања за една игра. Ја има по медиуми, на билборди, Спилберг се појавува во промотивното видео а на лондонската премиера на филмот во Варшоу добива место пред принцот од Велс.
Но, набргу станува јасно дека играта не е најбаш.
"Играта беше комплетирана ама не беше совршена," признава Варшоу. Во неа имало премногу ситуации од кои човек не може да се извади, или пак гличови од типот. одеднаш ликот ќе заглави непотребно и не може ништо да се направи. Или како што едно 10 годишно дете своевремено кажа за Њујорк тајмс: "Оваа игра не е забавна".
Почнале да се враќаат непродадени копии од продавниците. Е.Т. се продал во 1,5 милиони копии, многу малку од очекуваниот тираж од почетни 4 милиони. Веќе во вториот квартал од 1983-та, родителската компанија на Атари, Ворнер комуникации, бележи загуби од 310 милиони и на сите им е јасно дека Е.Т. не се враќа дома. Следната година решаваат да се ослободат од овој баласт што значи и крај на оригиналниот Атари.
Хауард Варшоу го напуштил целиот тој свет и едно време преминал во продажба на недвижнини но и таму бил несреќен. 30 години подоцна добива чудна прилика уште еднаш лично да сведочи за фијаското на својата игра.
Филмаџии решаваат да снимат документарец за една легенда родена околу играта E.Т., дека непродадените копии биле закопани во пустина во Мексико. Варшоу решава да се придружи на екипата, убеден дека се работи за обичен мит. Но приказната се потврдува и тој со свои очи гледа како се откопуваат милиони копии од деловниот неуспех кој му го одбележал животот.
Денес тој сепак работи во силициумската долина, но како терапевт за програмери под стрес.