
Неделава во Лондон се појави ново уметничко дело за кое „осомничен“ е фамозно анонимниот уличен уметник Бенкси. Иако допрва треба да се потврди дека сликата на девојка која држи куп балони е негова, фамата повторно е разгорена.
Првпат забележан во и околу Бристол во 1990-тите, Бенкси стана икона на светот на уметноста со неговите визуелно препознатливи графити со анти-естаблишмент пораки.
Со години, појавувањето на делата на уметникот се поврзуваше со тајмингот на турнеите на Роберт Дел Наја од бристолскиот трип-хоп бенд Масив Атак.
Се тврдеше и дека се вика Робин Ганингем.
За Боби Брес, аматер истражувач на историјата на уметноста од Питсбург, шпекулациите околу Ганингем се лажни траги, намерно подметнати од самиот Бенкси.
Тој тврди дека зад Бенкси цело време се крие Луси Мекензи, уметница од Глазгов.
Брес со години со занимава со уметнички мистерии а оваа со Бенкси му е пасија. Делата на Мекензи ги следи повеќе од една деценија и вели дека нејзиниот стил бил толку супериорен што, ако сакала, лесно можела да направи пари од официјалните дела. Но се има откажано од таква амбиција. И има дупка во кариерата која се совпаѓа со периодот на најголема продуктивност на Бенкси.
Еден од траговите на кои укажува Брес е портрет на нејзиниот татко, виш предавач на Катедрата за историски и критички студии на Факултетот за уметност во Глазгов. На сликата, тој држи прст на чело како да порачува некој да се сети на нешто а во долниот десен агол е делото на Бенкси, „Гушкач на бомби“.
Брес вели дека има и други интригантни детали, на пример референците на Бенкси за Романија и падот на режимот на Чаушеску. Мекензи има растено во Романија.
Таа одбива да ја коментира теоријата на Брес, но, Мартин Мекгеун, директор на лондонска галерија кој има работено со неа, вели:
„Имам работено со неа повеќе од 30 години и можам да ве уверам дека таа не е Бенкси“.
Тој вака става точка на оваа приказна, освен ако не помислите дека токму тоа би сакал Бенкси да го мислите.