Иако целиот план има веќе познати предлози (електричен јавен превоз и користење на обновливи извори на енергија) негова централна поента е дека секоја зграда во градот треба да се модифицира за зимно време подобро да ја задржува топлината а летно време подобро да ја ослободува.
"Теоријата на прозорец" се базира на статистиката дека 75% од штетните гасови во Њујорк доаѓаат од објектите во градот. За разлика од остатокот од земјата каде најголемиот дел се од земјоделието и сообраќајот.
Од Советот објаснуваат дека ова (менувањето прозори и останатите адаптации) треба да биде задача на градот, и дека градот треба да почне да гледа на зградите како на инфраструктура како улица или канализација, а не само како на приватна сопственост.
Целиот план се содржи од три главни чекори:
1. Замена на постојниот систем за греење со електрични пумпи за греење (имаат решение и за ниски згради и за висококатници). Иако ова од старт е скапа инвестиција, со тек на време таа сама ќе се исплати. Замената би се извршила паралелно со реновирањето на зградите.
2. Префрлање на електрично греење, а подоцна и замена на досегашните извори на електрична енергија (природен гас и јаглен), со нуклеарна енергија, ветер и сончева енергија. На сето ова би му помогнале и сончеви колектори на зградите.
3. Заштеда на енергија. Во планот не се бара од граѓаните да ја намалат потрошувачката, туку да заштедат на енергијата која им бега заради лоша изолација или стари инсталации. Ова би значело прозори со три комори, подобра изолација на целата зграда, подобра вентилација, флуоресцентно осветлување.
Што се однесува до парите овој проект би чинел 167 милијарди долар (според вредност на доларот од 2012-та).