Според правилата, секој градежник што крева зграда во Купертино мора да обезбеди две паркинг места за секој стан, од кои едно мора да биде покриено. За ресторан за брза храна, на секои три места во ресторанот мора да има едно паркинг место. За куглана, секоја лента за куглање доаѓа со седум паркинг места, плус по едно за секој вработен.
"Паркингот изгледа како најдосадната грижа на светот. Дури и архитектите кои се возбудуваат на теми како планирање зони и површина на згради, го сметаат ова за негламурозно. Меѓутоа паркингот помоќно од речиси сè останато влијае и на начинот на кој изгледаат градовите, и како луѓето патуваат низ нив.
Најголемиот дел од градовите се обидуваат да бидат попривлечни со градење патеки за велосипеди и линии за трамвај или кревање воодушевувачки згради од славни архитекти. Ако тие не ги сменат своите паркинг политики, ваквите напори нема да имаат ништо поголем ефект од обична шминка," се порачува во текстот од Економист.
Главниот проблем со задолжителното обезбедување на паркинг место е што тоа зафаќа многу простор. Како последица на ова градовите што сакаат да го обезбедат потребниот број места почнуваат да се шират, со што стануваат помалку привлечни за пешачење и возење велосипед.
"Плус, ако знаеш дека секаде ќе најдеш бесплатен паркинг, зошто па да не возиш? Според Дејвид Кинг од Универзитетот Аризона стејт, постојаниот раст на бесплатен паркинг во Америка е една од причините зошто инвестициите во јавен транспорт извадија само толку малку луѓе од автомобили.
Во 1990, 73% од Американците стигале на работа возејќи се сами. Во 2014 по претерано рекламираното урбано оживување и многу скапи проекти за воведување трамваи и автобуси, просекот се покачил на 76%," наведува Економист.
Математички паркинзите се една од најголемите маки за секој градежник. Трошокот за паркинг место во САД за катни гаражи се проценува на околу 25.000 долари, а за подземни гаражи на 35.000 долари. Во просек создавањето на минимален број на паркинг места за 67% ја зголемува цената за изградба на нов трговски центар во Лос Анџелес. Ако гаражата е подземја, плусот е 93%.
Освен што бара пари откако ќе биде поставен паркингот тој ја отежнува пренамената на објектот на пример од бизнис објект во станбена зграда, "најголемиот зијан од паркинг минимумот веројатно е економската активност што тој ја спречува".
Нивниот аргумент е и дека бесплатниот паркинг не е вистински бесплатен. Прво тука е цената за нивна изградба и опремување (светла, ленти, рампи...), кои се платени од луѓето што ги користат зградите со кои доаѓа тој паркинг. Цените во ресторан се поскапи, становите се поскапи, канцелариските вработени помалку се платени, "сите плаќаат без разлика дали возат или не". И ова е многу несреќно дистрибуирано, бидејќи младите возат многу помалку од средовечните, а сиромашните возат многу повеќе од богатите.
"Бесплатниот паркинг претставува субвенција за постарите која непропорционално им е наплатена на младите и субвенција за богатите платена од сиромашните," е ставот на Економист.
Во друг пример се проценува дека надежта дека ќе се најде слободно паркинг место во една од населбите на Лос Анџелес, годишно резултира со 1,5 милиони вишок извозени километри.
За тоа што ќе ти се паркинзи во иднина во која автономните возила никогаш не застануваат, и какви сè проблеми излегуваат од бесплатниот паркинг низ светот, тука.