Меѓутоа вистинската револуција е шокантна и вознемирувачка. Ти го разнесува жироскопот и те вади од лежиште. Дури подоцна, кога нашите примитивни умови имаат доволно време да го сварат ова, почнува да се создава чувството на допир од нежната, магична рака на судбината.
Ова ме носи до Дејв. Дејвид Корнелиус Летерман беше револуција во комедијата (ова не му е средното име, ама остај тоа сега). Дејв сега не' напушта, и ќе бидат кажани премногу убави работи за него и нема да има крај на добронамерните клишеа. Меѓутоа пред Дејв да си замине треба да разбереме што е она што тој го направи. А тоа што го направи, речиси 35 години, беше фасцинантно.
Во моментов има толку многу комедија во Америка што е невозможно да се опишат раните 80-те без да звучиш како жолчно старо дртало кое ја преживеало Депресијата, и сега гневно се дере за времето кога јадел кожна чизма. Денес, комбинираната сила на кабелската телевизија и ЈуТјуб ни дадоа повеќе "иновативна" и "напредна" комедија отколку што можеме да консумираме во текот на еден живот. Неодамна пишував дека наскоро Американците ќе изгладнат до смрт бидејќи земјоделците ќе излезат од нива за да се приклучат кон некоја трупа импровизатори, и не сум комплетно сигурен дека се шегував за ова.
Меѓутоа во 1980-та светот на комедијата беше многу поразлично место. Да, го имавме Сатурдеј Најт Лајф, ама оригиналната постава си замина, и, колку и да звучи чудно сега, се чувствував како шоуто да ја има потрошено својата експлозивна сила. Мојот тинејџерски херој Стив Мартин престана со изведување на својот наелектризиран стендап и почна да снима филмови - се уште смешен ама сега веќе етаблиран како шоу-бизнис франшиза. Џони Карсон веќе имаше минато околу две третини од своето владеење и во тоа време изгледаше како тој засекогаш да ќе биде со нас - шармантен, стабилен и елегантен. Џони беше комфорен и траеше - човек што го гледаш со татко ти.
И тогаш се случи. Едно сончево утро за време на мојата последна година во средно. Веќе доцнев на часовите од 10 часот и излетав низ вратата од куќата на моите родители во Бруклајн, Масачусетс за да ја истрчам четвртина милјата до Бруклајн Хај. Таман пред да тресне вратата зад мене, сестра ми Кејт извика од внатре да се вратам назад. Влетав внатре и право во дневната каде Кејт седеше на кауч. "Мора да го видиш човеков," ми рече Кејт, покажувајќи кон накитениот, дрвен телевизор Зенит од тоа време кој многу повеќе наликуваше на ковчег отколку на телевизор. Гледам во екранот и веднаш се ми беше погрешно.
Човекот не изгледаше како што треба. Косата му личеше како лошо наместен стар кожен моторџиски шлем. Предните заби имаа огромен процеп кој изгледаше како да е нацртан. Ја носеше задолжителната вратоврска за водители, ама со каки пантолони и Адидас патики. Сцената му изгледаше погрешно, како да ја составил неколку минути пред шоуто - а ѕидот зад него беше украсен со слики од кучиња. Неговата насмевка не ти влеваше доверба, ама беше немирна и сосема малку пакосна. Не беше лагоден со својата појава во време кога сите на телевизија беа лагодни со својата појава. И згора на се, тој наутро водеше комично шоу. Што му е? Кој има комично шоу наутро? Што му е проблемот на човеков? Кој дозволил ова да се случи.
Како и секој комичар од моето време, го гледав субверзивното, нескротливо утринско шоу на Дејв со восхитувачко неверување. Шоуто не траеше долго, ама брзо се претвори во негово вечерно шоу - и тогаш Дејв навистина беше на свој терен. Кога бев на колеџ, сите на моја возраст го гледаа Дејв и утредента го дискутираа шоуто. Во тоа време вечерното шоу постои веќе 30 години и во најголем дел во една иста форма, ама Дејв и неговите сценаристи направија револуција во форматот.
Шоуто на Дејв беше редок феномен: голем шоу-бизнис хит кој навидум го презира шоу-бизнисот. Дејвид не припаѓаше тука, и тој не беше заинтересиран да припаѓа некаде. Тој се забавуваше самиот себе, "пржеше" разни славни гости, и правеше чудни, иронични скечеви што никој претходно ги немаше видено на телевизија. Се' во врска со шоуто беше нереално и нестандардно. Додека вечерната програма нудеше комфор, човеков уживаше во непријатност. Шер го нарече шупак. Енди Кофман со трчање и викање си замина од сцената. Крис Елиот живееше под скали. Низ една епизода целото шоу ротираше за комплетни 360 степени, заради никаква посебна причина. До 1985-та, кога дипломирав на колеџ, веќе бев подготвен да се пробам како комичар, а Лејт Најт со Дејвид Летерман неколку чудесни години беше Светиот Грал.
Со тек на време започнаа Лејт Најт војните и последователната опсесија на медиумите со рејтинзи и гости. Лично, никогаш не ми беше гајле за што било од тоа. Никогаш не го сметав Лејт Најт за борба со петли - човек или те смее или не, и комплетно не е важно кој победи во вторник вечер. Слично, кога Дејв стана крма за таблоидите заради неговиот личен живот, целата приказна изгледаше бесцелна и заморна.
Просто кажано: ниту еден пишувач / изведувач во последните 35 години немал сеизмичко влијание како што Дејв имаше врз комедијата. Секој ден, читам дека некој нов комичар "ги сменил правилата," и признавам во моментов има апсурдно изобилие на талент и креативност. Ама во денешниот свет на 30 лејт најт програми, примамливо е Дејв да се зема здраво за готово. Немојте. Дејв е вистинската револуција - и верувам дека неговите иновации се на ниво на сијалицата и Твикс. Како и сите револуции, ова беше таква сеизмичка промена што на прва беше дезориентирачка и аљкава, ама ни требаше време за да ја сфатиме правата големина на промената.
И така, како што Дејв си оди, не можам а да не се сетам на чудната појава на мојот телевизор од почетокот на 80-те. Во истиот момент се' беше погрешно, погрешно на секој можен начин - и бидејќи беше толку погрешно сега светот е подобро место. Па пред човеков да си замине, би сакал да кажам, од сите нас: Ти благодариме, Дејвид Валдингфилд Летерман.