Папата реши да ја расветли сенката која со децении го покрива Ватикан, сексуалното насилство и неговото прикривање и молчење во свештеничките редови до највисок ранг.
Во комисијата ќе има осуммина членови кои ќе треба да му помогнат нему и на Ватикан конечно да почне да го отвора прашањето кое не само што му има нанесено огромна штета на католичкиот свет туку досега има изедено милијарди долари во судски спорови и вонсудски договори.
Членка на папската комисија е и Ирката Мери Колинс која како 13 годишно девојче била сексуално малтретирана од есен болнички свештеник по што станува една од најгласните лица кое се бори за заштита на децата од злоупотреба од религиозните авторитети.
Иако и сега постојат канонски предвидени мерки за тоа, досега ниеден бискуп нема одговарано затоа што не пријавил во полиција свој свештеник педофил иако многу се примерите кога знаеле за такво однесување.
Прв со проблемот се беше зафатил претходникот на Франциско, Папата Бенедикт кој реши да стави крај на вообичаената ватиканска тактика кога ќе се открие свештеник педофил - нивно ротирање на други места. Во времето на Бенедикт, на 400 сексуално агресивни свештеници им беше одземено правото да вршат богослужба.