Папата користел ВИ за да предупреди на ризиците од ВИ

Својата прва енциклика „Magnifica Humanitas“ папата Лав XIV ја посвети на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека таа не смее да ги замени меѓучовечките односи и не смее да го загрози достоинството на луѓето. Иронично е што речиси половина од документот на папата всушност бил напишан со помош од ВИ, а Ватикан немал смелост да го признае тоа.

Неколкумина што ја прочитале внимателно енцикликата „Magnifica Humanitas“ забележуваат дека многу пасуси, па и цели делови биле генерирани со помош од вештачка интелигенција, која папата во истиот документ ја посочува како закана за човечкото достоинство.

Дури и пасусот „Ниеден компјутерски систем, колку и да е софистициран, не може да создаде срце кое се предава себеси или совест која разликува добро од зло“, всушност бил напишан од алатка, иако личи како да е од теолог, тврдат истражувачи.

Енцикликите се официјални писма на папите до бискупи ширум светот, но често се наменети и за „сите луѓе со добра волја“ како насока од Римокатоличката црквата за важни морални, социјални или теолошки прашања. Оригиналот вообичаено е напишан на латински јазик (за бискупите) и е преведен на италијански, шпански и англиски, за да може да ја прочитаат и верниците.

Компјутерскиот истражувач Линч Жанг го забележал препознатливиот стил на јазичните алатки во делови од англиската верзија. Корисникот Кartr на X тврди дека италијанскиот текст има досега најголема содржина генерирана со ВИ од сите досегашни преводи објавени од Ватикан, шпекулирајќи дека тоа е оригиналот.

Италијанскиот текст на енцикликата бил проверен со софтверот Pangram за откривање делови генерирани со ВИ. Софтверот покажал дека Воведот бил 43% генериран од ВИ, вклучувајќи најмалку седум пасуси во целост. Јазичен модел бил автор и на 62% од текстот на првата глава и на 18% до 41% од другите глави, односно на 43% од целата енциклика.

Иронијата ја забележал и моделот Клод, кој во улога на рецензент наоѓа и оправдувања за користењето на ВИ во составувањето на документот.

Ставот 100 наведува дека употребата на вештачката интелигенција како алатка несомнено го олеснува животот и не ја забранува употребата, туку предупредува за преголема зависност. Ако теолог го составил аргументот, а моделот ја проверил граматиката и ја разубавил прозата, документот тоа го дозволува. Нема проблем сè додека моделот не генерира суштинските теолошки тврдења, коментира Клод.

Сепак, алатката забележува отстапување од ставот за транспарентноста во алгоритамските процеси, кое е присутно во енцикликата како „предуслов за доверба“.

Документ што ги поставува тие барања, а самиот не ја открива улогата на ВИ во неговото составување е во различна позиција од оној во кој чесно е наведено дека е напишан со помош од ВИ, забележува моделот.

1 јуни 2026 - 12:43