Папата кој Ватикан не го признава

Додека во фокусот на целиот свет беше изборот на нов папа во Ватикан, постои друга црква во Европа која не го признава авторитетот на Лав 14-ти. За „вистински и единствен“ водач на католичкиот свет го смета својот папа Петар Трети. Палмарската црква се појавила по смртта на папата Павле Шести, за кој тврди дека бил систематски труен од масони во Римската курија.

Во местото Ел Палмар де Троја во Шпанија од 1978 година постои Палмарската христијанска црква, на чело со Маркус Јозеф Одермат, 59-годишен Швајцарец со папското име Петар Трети.

Палмарската црква има 30 бискупи и нешто повеќе од 1.000 верници. Во својата краткотрајна историја канонизирала неколку илјади светци, вклучувајќи ги и Кристофер Колумбо и генералот Франциско Франко. Нема кардинали и забрането е користењето на Библијата. Еден папа се спасил од бунт, а друг абдицирал и се оженил со калуѓерка.

Историјата на оваа црква е поврзана со конфликтот во Ватикан откако починал папата Павле Шести. Тој страдал од низа болести, но Палмарската црква тврди дека масони во Римската курија со години го дрогирале за да не може да ги извршува своите должности.

Неколку години порано во Андалузија, Клементе Домингез Гомез тврдел дека му се појавила Девица Марија и ги осудила ересот и прогресивизмот на Римокатоличката црква. Дури и откако го изгубил видот во сообраќајна несреќа, тој тврдел дека сè уште има визии дека „ќе биде идниот Петар - папа што ќе ја зајакне верата и Црквата“.

По смртта на Павле Шести, Домингез се прогласил за негов наследник, го зел папското име Григориј 17-ти и целосно ги прекинал врските со Ватикан.

На отпадничкиот престол во Рим е поставен лажен пастир: злобниот антипапа Јован Павле Први, масон, волк во јагнешка кожа, тврдел Домингез. Папата Јован Павле Втори го сметал за „уфрлен марксистички шпион“.

Григориј ја водел алтернативната црква во Шпанија до својата смрт во 2005 година, а неговиот наследник Петар Втори до 2011 година. Григориј 18-ти абдицирал и потоа се оженил со калуѓерка, препуштајќи му го на папата Петар Трети престолот на „единствената автентична католичка црква“.

13 мај 2025 - 15:57