Првиот човек на англиканската црква верува дека се гледа крајот на повеќевековниот проблем со проемнливиот датум на кој паѓа Велигден. Претставниците на оваа црква која глобално брои околу 85 милиони верници изгласале да се придружат кон обидите на римо-католиците и православците да договорат заеднички фиксен датум за најголемиот христијански празник.
Пречесниот Џастин Велби вели дека тој најверојатно ќе се фиксира на втората или третата недела од април.
А сметањето на Велигден е особен проблем во и онака комплицираниот календарски спор за кој пишуваа монасите од Бигорски:
Дополнителен проблем е сметањето на Велигден, кое се врши со Пасхалија. Пасхалијата е систем кој е создаден во крајот на III и почетокот IV век, за пресметување на датумот на празникот Пасха (Велигден) според пролетната рамноденица, која во Јулијанскиот е подвижна, а во Григоријанскиот календар е фиксна. Бидејќи Пасхалијата е заснована на Јулијанскиот календар, Григоријанскиот календар не може да биде приспособен кон неа. Целиот православен свет традиционално се придржува кон Александриската Пасхалија, а католиците, бидејќи сопствена Пасхалија не разработиле, прават дополнителни корекции на Пасхалијата за да ја прилагодат на календарот. Со неа се одредува поредокот не само на литургискиот живот, туку и поредокот на самата литургиска година. Имено, врз основа на Пасхалијата е формиран системот на христијански празници, којшто почнал да се создава уште од IV век и веќе од VI век го добил денешниот современ вид. Календарот ја има улогата на организатор на литургискиот живот. И ете зошто според своето значење, Јулијанскиот календар е тесно поврзан со црковната традиција и секој обид да се издвои од неа, неминовно приведува кон сериозни соблазни и искушенија за луѓето коишто се навикнати на оваа литургиска традиција.
Велби смета дека период од 5 до 10 години ќе биде доволен за да се извршат сите подготовки за оваа промена која ќе има широки ефекти не само врз верскиот живот туки и врз функционирањето на државата, економијата, образованието и сл.
Идејата за единствен датум на Велигден потекна од коптскиот православен верски водач Тавадрос Втори кој ги покрена ваквите разговори а за кои и папата Франциско даде позитивен сигнал дека е отворен за разговор.