The Energy Project е компанија која на клиентите им помага околу подобрувањето на стапката на ангажираност и перформансите на вработените. Тие седнуваат со Harvard Business Review и прават анализа на 12.000 вработени (претежно канцелариски) во различни компании и индустрии.
"Вработените се далеку позадоволни и попродуктивни, кога се исполнети четири од нивните основни потреби: физички, преку можности за редовно освежување и полнење на батериите на работа; емоционални, преку чувство дека некој ги цени и дека нивниот придонес кон работата се почитува; ментални, кога имаат шанса да се фокусираат на нивните најважни задачи и да дефинираат кога и каде треба да ја завршат својата работа; и духовни, со тоа што повеќе ќе го прават она што најдобро го прават и во што најмногу уживаат, и со тоа што ќе чувствуваат дека нивната работа е поврзана со некоја повисока цел во компанијата," објаснува директорот на Енерџи Проџект, Тони Шварц.
Во текстот што Шварц и професорката од Џорџтаун Универзитетот, Кристин Порат, го пишуваат за Њујорк Тајмс, се објаснува дека колку повеќе компаниите ги остваруваат овие основни потреби, толку повеќе вработените се ангажирани, лојални, задоволни од работата и имаат позитивна енергија кон работата, и се намалува нивното ниво на стрес. Кога ќе се исполни една од потребите на вработените, споредена со ниедна, се подобруваат сите нивни перформанси. Колку повеќе потреби се задоволени, толку е попозитивно влијанието.
Тие го даваат примерот со синџирот супермаркети, Костко, каде просечната плата на работниците е 20,89 долари на час. Ова е 65% повеќе отколку платата во ВолМарт. Според нив, со тек на време огромните инвестиции на Костко во своите вработени, создале огромна предност за компанијата.
"Вработените на Костко генерираат речиси два пати повеќе продажба од вработените на Семс Клуб (главниот конкурент на Костко, инаку во сопственост на ВолМарт). Костко има поголема стапка на вработени кои остануваат барем една година во компанијата. Ова пак значи намалени трошоци за регрутирање и обука на нови вработени, што на Костко му заштедува стотици милиони долари годишно. Меѓу 2003-та и 2013-та, акциите на Костко се пораснати за над 200%, споредено со околу 50% на ВолМарт," објаснуваат Шварц и Порат во текстот на за Тајмс.
Како мерки кои во исто време се бесплатни, а би ги подобриле мотивацијата и перформансите на вработените, тие предлагаат промени како ограничување на состаноците на 90 минути, или ограничување до колку часот во текот на денот се очекува од вработените да одговараат на мејловите и колку брзо се очекува одговор од нив. Од мерките за кои е потребна мала инвестиција, се предлага создавање фитнес сала или соба за дремки, како и обезбедување на квалитетна бесплатна (или субвенционирана) храна.
Тие посебно ја нагласуваат улогата на менаџерите и лидерите, "чија енергија е заразна" и се пренесува на другите вработени. "Кога лидерите ги поттикнуваат вработените да работат на поодржлив начин, овие вработени се 55% поангажирани, 53% пофокусирани, и е поверојатно да останат во компанијата, покажува нашето истражување со Харвард Бизнис Ривју."