Преовладувачкото објаснување за ова е дека Кејнс го нема земено предвид масовниот раст на консумеризмот, заради кој луѓето имајќи избор меѓу помалку работни часови и повеќе купување непотребни работи, колективно го избираат второто.
Проблемот е дека ова објаснување не држи кога ќе се земе предвид дека растот на работните места е многу помалку поврзан со зголеменото работно време во производните дејности, колку што е со не-производниот сектор, кој опфаќа "професионални, менаџерски, чиновнички, продажни и услужни работници." Во текот на изминатиот век вторава категорија се зголемува од "една третина, на три четвртини од вкупниот број вработени."
"Со други зборови, производните работни позиции, како што беше предвидено, масовно се автоматизираа (дури и ако се земе предвид растот на бројките од индустриски сили како Индија и Кина).
Меѓутоа наместо ова да дозволи намалување на работните часови кое ќе и овозможи на светската популација да ги остварува своите проекти, задоволства, визии и идеи, ние гледаме пораст, и тоа не толку многу на 'услужниот' сектор, колку на административниот сектор, што вклучува и создавање на цели нови индустрии како финансиски сервиси или теле-маркетинг, или невидена експанзија на сектори како корпоративно право, академска и здравствена администрација, човечки ресурси и односи со јавноста.
И во овие бројки не се опфатени сите оние луѓе чија задача е да дадат административна, техничка или безбедносна поддршка за сите овие индустрии, или кога веќе ги набројуваме, мноштво на помошни индустрии (бањачи на кучиња, луѓе што во секое доба од ноќта испорачуваат пица) кои постојат само затоа што сите останати трошат толку голем дел од своето време работејќи во другите индустрии.
Тоа е она што јас предлагам да се нарекуваат 'срање работни позиции'.
Како да има некој задолжен за правење бесмислени работни места чисто само за сите ние да работиме. И токму тука е мистеријата. Во капитализам, ова е токму она што не треба да се случува," пишува професорот од Лондонска економска школа, Дејвид Грабер.
Професорот објаснува дека ова е разбирливо за системи како СССР, каде вработувањето се смета за право и света должност, па системот измислува онолку работни места колку што им е потребно. Меѓутоа ова не е разбирливо за систем со пазарна економија, чија задача е да решава токму вакви проблеми, и за приватни компании кои гледаат колку е можно повеќе да ги намалат трошоците и да го зголемат профитот, "но сепак некако се случува."
"Се случува некоја чудна алхемија што никој не може да ја објасни, се зголемува бројот на луѓе што се по цел ден меѓу хартии, и нешто слично на советските работници, иако на хартија работат по 40 или 50 часа неделно, ефективно работат по 15 часа баш како што Кејнс предвидуваше, бидејќи остатокот од работното време го трошат на организирање или одење на мотивациски семинари или апдејтирање на Фејсбук профилот," пишува Грабер во текстот за Евономикс.
Неговата процена е дека одговорот за ова не е чисто економски, туку е морален и политички, па нешто слично како што своевремено сфаќаат Советите, сега владејачката класа заклучува дека среќна и продуктивна популација со слободно време на располагање е сериозна закана.
Кога Грабер го забележува наизглед бескрајниот раст на административните одговорности во британските академски оддели, на него му доаѓа "една од можните визии за пеколот":
"Пеколот е збир на поединци кои најголемиот дел од своето време го минуваат работејќи на задачи кои не ги сакаат и во кои не се посебно добри. Да речеме дека тие се најмени затоа што се одлични за правење шкафови, и потоа откриваат дека од нив се очекува најголемиот дел од времето да го минат на пржење риба. Ниту пак оваа задача стварно треба да се заврши - или во најдобар случај, има многу ограничен број на риби што треба да се пржат. Сепак некако, сите тие стануваат опседнати со презир кон помислата дека нивните колеги можеби минуваат повеќе време на составување шкафови, и не придонесуваат соодветно кон задачата за пржење риба, па не треба да мине долго пред да почне да се собираат купови од лошо испржена и бескорисна риба, кои сега се појавуваат насекаде и кон кои придонесуваат сите вработени."
Текстот продолжува тука