Сегашните отпуштања во ИТ паѓаат на грб на менаџерите кои непотребно ги полнеле своите оддели со луѓе како начин тие самите да добијат унапредување и поважна позиција во компанијата.
„За да те унапредат, мора да покажеш дека можеш на управуваш со поголем обем, што секогаш значи да управуваш и со повеќе членови на тимот. Меѓутоа менаџерите ретко кога наследуваат дополнителни тимови или членови на тим. Наместо тоа, единствениот начин на кој менаџерите можат да ја демонстрираат својата способност да водат поголем тим е да ангажираат повеќе луѓе. Со ангажирање на повеќе членови на тимот, опфатот на работа на менаџерот природно расте со што растат и шансите тој да биде унапреден,“ објаснува поранешниот прв човек за аналитика на Ибеј и Амазон, Брендон Саутерн.
Иако компаниите во кои работи Саутерн во теорија цело време зборуваат за оптимизирање и зголемена продуктивност на тимовите, менаџерите индиректно се поттикнувани на спротивното.
„Ефикасните тимови често пати на крај завршуваат со дополнително намалени финансии бидејќи даваат одлични резултати и со средствата што ги имаат (додека на други тимови им се зголемуваат буџетите или бројот на членови бидејќи изгледа како да им треба повеќе за да функционираат),“ објаснува Саутерн.
Ваквата равенка обично важи по цела висина на хиерархијата, па дури и ако пониските менаџери не бараат плус луѓе и пари, тоа не е во корист на неговиот претпоставен на кого му требаат повеќе луѓе за тој лично да напредува. Плус, како што објаснува Саутерн, речиси на ниту еден тим оценката за сработеното не му зависи од тоа дали ги намалил трошоците.
„Во добри времиња, кога има пари, се прифаќаат поризични проекти, и се одобруваат буџети. Ова е побрз, полесен и попаметен избор за личен успех, и сите го прават. Ама ова е и темпирана бомба.
Со тоа што привремено не го менуваат начинот на размислување за да претпостават дека единствен начин за раст е преку ефикасност и штедење, менаџерите само ќе продолжат да одат по најкраткиот и најпривлечен пат - што е вработување наместо зголемување на ефикасноста.
И порано и сега и во иднина ова ќе предизвика организацијата премногу да се надуе додека зголемените трошоци се засенети од последните приходи и раст на профитот.
Меѓутоа кога ќе се случи следниот неизбежен пад, компанијата ќе биде присилена да го отстрани целиот вишок за да ги стабилизира трошоците и маргините,“ порачува Саутерн.